СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа промоција на книгата „Исламизацијата на Торбешите и формирањето на торбешката субгрупа“ од проф. д-р Галаба Паликрушева, во организација на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет, јавува Anadolu Agency (AA).
Промотор на книгата бeше академик проф. д-р Драги Ѓорѓиев. Тој рече дека книгата „Исламизацијата на Торбешите и формирањето на торбешката субгрупа“ од проф. д-р Галаба Паликрушева, која е напишана пред 52 години, но оти сѐ уште е актуелна и ќе разбуди реакции кај одредена група на луѓе или кај одредени заедници.
Академик проф. д-р Ѓорѓиев потсети дека книгата всушност е докторска дисертација на професорката Галаба, која 1965 година е одбранета во Скопје.
Тој во својот говор наведе дека авторката ги користи најрелевантните извори и научни изданија во тоа време. Според него, најголем дел од таа литература што е користена од д-р Паликрушева и денес е релевантна во областа на социјалната и демографската историја во делот на османлиското владеење.
Она што, според промоторот, ѝ дава свежина на оваа книга, е тоа што авторката меѓу првите во Македонија користи османлиски извори за темата што ја обработува во период кога почнуваат да се преведуваат турските пописни дефтери. „Тајната на таа свежина“, вели тој, „лежи во тоа што таа ги вади на површина за првпат тие податоци и ги става во контекст на исламизацијата. Овие документи бараат да се гледа меѓу редови за да се открие што покажуваат пописите тогаш“.
Промоторот на книгата, академик проф. д-р Ѓорѓиев истакнува дека во фокусот на итересот на авторката е торбешката група, која денес е позната и како Торбеши, и како Македонци муслимани. За еден дел од нив, истакнува тој, називот Торбеш е навредлив, а еден дел од нив, особено во последно време, го прифаќаат овој назив и инсистираат на посебна етничка припадност на таа група.
„Доколку би сакале да ја дефинираме оваа група, би можеле да кажеме дека тие претставуваат малцинска религиска група со исламска вериосиповед, во најголем дел сунити, кои го зборуваат македонскиот јазик, културно и верски се разликуваат од мнозинството православни Македонци, но исто така лингвистички и антрополошки се различни од поголемите муслимански етнички групи во Република Македонија, Турците и Албанците. Тие всушност се дел од османлиското наследство во демографската сфера кон кое денес претендираат како Македонците, така и Албанците и Турците“, вели Ѓорѓиев и додава:
„Меѓутоа, нивниот идентитет заглавен меѓу верската, исламската и лингвистичката македонска припадност не дозволува тие претензиии да бидат целосно остварени ниту од една од гореспоменатите претендетни. Денес Торбешите се дел од османлиското наследство во Република Македонија, кое македонската држава не успева да го апсорбира, поради тоа што во врска со нив постојат некои нерешени историски прашања, а исто така и современи политички контроверзии“.
Меѓу нерешените прашања, наведува Ѓорѓиев, спаѓаат нивното име и нивното потекло, за што станува збор во книгата. Околу толкувањето на терминот Торбеш, Ѓорѓиев го објасни и ставот на авторката на книгата, д-р Паликрушева.
„Таа смета дека народното толкување на зборот торбеш, кое се врзува со зборот торба, е најприфатлив. За етничкото потекло на Торбешите, таа ја истакнува тезата дека тие потекнуваат од етничката група Мијаци, која пред османлиското освојување била населена во западна Македонија, односно по течението на реката Радика. Дел од оваа етничка група го прифатила исламот, по што од своите соплеменици кои останале христијани, погрдно биле наречени торбеши, затоа што ја продале својата вера за една торба урда“, истакна Ѓорѓиев.
- Ѓорѓиев: Терминот исламизација не значи насилно наметнување на исламот како вера
Во однос на ваквиот став на авторката на книгата, д-р Паликрушева, академик Драги Ѓорѓиев, во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека неговиот став е сличен со ставот на професорката, истакнувајќи дека смета оти станува збор за словенско население.
„Мојот став е сличен со тој на професорката. Сметам дека станува збор за словенско население кое го прифатило исламот во времето по доаѓањето на Османлиите и дека се оформиле како посебна група што го практикува исламот, а како мајчин јазик го задржува македонскиот. Како став е близок со ставот на професорката, иако во однос на тоа дека се само припадници на мијачката група јас не би се согласил, бидејќи има и припадници на некои други такви групи“, вели академик Ѓорѓиев.
Околу својот став дека Торбешите припаѓаат на словенското население, тој додава дека тоа е став со кој не се согласуваат некои турски етнолози. Во контекст на ставот на професорката Паликрушева, дека Торбешите погрдно биле наречени Торбеши, затоа што ја продале својата вера за една торба урда, тој вели:
„Нема сериозен материјален доказ или документ за тоа да се потврди, тоа е народно верување дека името е добиено на тој начин. Тоа верување постои и постоело и било раширено меѓу тие луѓе таму, но не може со сигурност да се тврди дека тоа е така“, истакнува академик Ѓорѓиев.
За теримот исламизација, академик Ѓорѓиев вели дека не станува збор за насилно наметнување на исламот како вера.
„Апсолутно не станува збор за насилно наметнување на исламот како вера. Знам, тоа кај моите турски колеги предизвикува такво чувство, дека станува збор за насилно наметнување. Тоа во македонскиот јазик има една блага нијанса, таква конотација. Меѓутоа, не постои друг глагол освен да го опишеме тоа како ширење на исламот, исламизација е најкраток, најконкретен глагол што го опишува ширењето на исламот. Апсолутно не носи некаква конотација на насилно наметнување на исламот како вера“, појаснува академик Ѓорѓиев.