Bojan Bednar
02 Декември 2022•Ажурирај: 04 Декември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е „ниту луд, ниту пијан, ниту глупав“ да не сфати дека од почетокот на годината постепено се рушела секоја можност за разговори со Приштина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ на прес-конференцијата по состанокот со комесарот на Европската Унија за соседство и проширување, Оливер Вархели, изјави дека пие само „чај од камилица и кока-кола зеро“ и дека не се покајал за ниту еден збор што го кажал синоќа кога на ТВ „Пинк“ рекол дека премиерот на Косово, Албин Курти е „терористички отпадок“ и дека новоименуваниот министер во Владата на Косово, Ненад Рашиќ, и политичарката Рада Трајковиќ се „најлошите српски отпадоци, од дното на кацата“.
„И денес го мислам истото, а можеби требаше да користам малку побирократски речник“, додаде српскиот претседател.

Вучиќ синоќа рече и дека поради „срамниот“ однос на ЕУ кон изборот на Рашиќ, „никој од Србија нема да учествува на претстојниот Самит ЕУ - Западен Балкан во Тирана“.
По денешниот состанок истакна дека Вархели недвосмислено рекол дека луѓето од ЕУ сметаат дека е важно Србија да биде присутна на самитот во Тирана.
Вучиќ ја остави можноста во наредните денови да ја смени одлуката за заминување на тој Самит.
„Јас лично сметам дека нема смисла, но подготвен сум да сослушам. [Премиерката на Србија, заб. на авт.] Ана Брнабиќ и луѓето околу неа сметаат дека е важно да бидам во Тирана. Тоа не е прашање на мојата суета или изјава. Го почитувам Вархели како пријател, не е проблем уште еднаш да размислам за таа одлука, ако видам дека има шанса и некаква смисла да кажам нешто“, рече Вучиќ.
Потсети дека Приштина го забранила одржувањето на уставниот референдум, изборите во Косово, на упадите на Специјалните единици на северот на Косово и на тоа дека ситуацијата била „на работ на конфликт во јуни“.
Тој додаде дека потоа е „измислена приказната“ за личните карти, а потоа и темата за регистарските таблички.
„Тоа не беше сѐ, секој ден повторуваа, вклучително и на Берлинскиот самит, дека никогаш нема да ја формираат Заедницата на српски општини, а потоа противуставно, против сите закони, го сменија командантот на полицијата „Север““, рече Вучиќ.
Наведе и дека се обиделе да ги внесат во Парламентот оние кои ја немаат поддршката на српскиот народ, а откако не успеале, тогаш ги внеле во Владата и „лажат дека тоа се претставници на Србите“.
Додаде дека добро ги разбирал забелешките по прашањето на усогласување на српската надворешна политика со ЕУ и дека го информирал Вархели дека „преку територијата на Србија никој не може да ги заобиколи санкциите“.
„Ние не се занимаваме со криминал, заработувајќи од нечија мака преку војна“, рече Вучиќ.

Вархели рече дека лидерите на ЕУ за првпат ќе дојдат во регионот, во Тирана, да разговараат со регионот за регионот и дека е потребно и Србија и нејзиниот лидер да бидат на масата.
„Не мора да ви говорам колкаво е вниманието на јавноста кога се во прашање односите меѓу Србија и ЕУ и политиката на проширување, бидејќи руската војна против Украина покажа дека единственото правилно и долгорочно решение за мир, стабилност и просперитет е членството во ЕУ“, истакна Вархели.
Тој додаде дека само неколку дена пред Самитот во Тирана разговарал со Вучиќ за тоа како да се соберат плодовите од работата во контекстот во кој се наоѓаат и дека се надеваат дека ќе видат како лидерите разговараат за стратегиите и политиките, но и дека ќе донесат директна корист за граѓаните.
Вархели изрази надеж дека во Тирана ќе биде потпишан договор за роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
„Енергетиката и миграциите беа тема на разговорите“, истакна Вархели и додаде дека ЕУ реагирала брзо во енергетскиот сектор и дека е направен пакет помош што ќе донесе 2,5 милијарди евра за регионот.