Furkan Abdula
03 Декември 2022•Ажурирај: 05 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа настан по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на кој Туркије и Турско-исламската унија за верски прашања (ДИТИБ) од Германија донираа електрични инвалидски колички за лицата со попреченост, известува Агенција Анадолија (АА).
Во рамки на програмата што ја организираше Здружението за лица со попреченост „СОС-Вита“ со седиште во Скопје, на лицата со попреченост им беа донирани електрични инвалидски колички во соработка со Советништвото за верски прашања при Амбасадата на Туркије во Скопје и огранокот на Турско-исламскиот Сојуз за верски прашања (ДИТИБ) од германскиот град Хамбург.
На церемонијата за доделување електрични инвалидски колички присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, поглаварот на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија (ИВЗ), Шаќир Фетаху, советникот за верски прашања при Амбасадата на Туркије во Скопје, Мустафа Местен, претседателот на Здружението за лица со попреченост „СОС-Вита“, Ертан Шакири, како и градоначалници, претставници на турски и локални институции и организации во земјата, претставници на ДИТИБ, лицата со попреченост кои се членови на „СОС-Вита“, нивните семејства и други гости.

Во изјавата за новинарите, министерот Сали рече дека се собрале по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел да испратат порака до здравствените работници дека е потребно „повеќе да се грижат за лицата со попреченост“.
Министерот Сали во своето обраќање истакна: „Како Министерство за здравство правиме здравствени политики поврзани за класификација на способностите на лицата со попреченост. При нивната класификација, го систематизираме или обезбедуваме нивно вклучување во општеството. Секако дека секој поединец на овој свет има некоја лична способност. Овие нивни способности ги вадиме на виделина со нивно интегрирање во секојдневната работа, владиниот систем или приватниот сектор“, рече министерот Сали.

Претседателот на Здружението за лица со попреченост „СОС-Вита“, Шакири, изјави дека им должи благодарност на сите што ги израдуваа лицата со попреченост на овој значаен ден.
„Денес е најубавиот ден. Секој во Северна Македонија треба да го знае овој ден. Денес е голем ден, голема радост. 15 наши членови денес ќе се радуваат со донираните 15 електрични колички на батерии. Како да им дале некаква „нога“. Секогаш сме со Туркије. Ако ја нема Туркије, и нас нема да нè има. Туркије е голема држава. Имаат луѓе со богати срца. Ве молам, да не ги заборавиме нашите браќа и сестри со попреченост во Северна Македонија“, рече Шакири.
Советникот за верски прашања при Амбасадата на Туркије во Скопје, Мустафа Местен, им се заблагодари на оние кои помогнаа во донацијата на електричните инвалидски колички наменети за лицата со попреченост.

„Ние, Советништвото за верски прашања, соработувавме со Турската фондација 'Дијанет' и огранокот на Турско-исламскиот сојуз за верски прашања (ДИТИБ) од германскиот град Хамбург со цел да ги отстраниме пречките пред нашите браќа и сестри кои, според нас, го започнаа животот во неповолна положба или станаа инвалиди по одреден дел од нивните животи. Во рамките на овој проект, денес ќе дистрибуираме 20 електрични возила за лицата со попреченост, 15 за Здружението 'СОС-Вита' и 5 за Здружението 'Миресија'“, рече Местен.
Сафије Килич, претставничката на ДИТИБ, во своето обраќање истакна: „Всушност, не е попреченост, доволно е попреченоста да не е во нашите души, да не е во нашите срца. Многу сме среќни што сме тука денес. Доколку би можеле барем малку да им биеме од корист, ние би биле пресреќни. Дојдовме со помош која можеби малку ќе им го олесни животот. Да не бидеме пречка, да бидеме поддршка“.
