Abdula Berisha
05 Декември 2022•Ажурирај: 06 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Приватните превозници во Скопје, како што најавија претходно, целосно блокираа две важни раскрсници и еден булевар во главниот град, во знак на протест поради неплатениот долг од страна на институциите, јавува Агенција Анадолија (АА).
На блокираните крстосници се пуштаа да поминат само возилата на брзата помош, а полицијата го пренасочуваше сообраќајот.
Во Скопје од рано утрово е блокиран дел од булеварот „Илинденска“, кој поминува пред седиштето на Град Скопје. Исто така, блокирани се и крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и „Црвен крст“, со што се парализира сообраќајот низ градот.
На блокадата се вклучени двете компании кои ги претставуваат приватните превозници во Скопје, „Слобода превоз“ и „Макеспрес“, кои тврдат дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), основано од Град Скопје, им должи вкупно над 1,5 милиони евра.
Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“, изјави дека целосната блокада со околу 200 автобуси доаѓа како последица од немањето слух кај одговорните.
„Сето ова е производ на немањето слух, немањето осет, првенствено за сопствените граѓани од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, па и немање осет кон нас, приватните превозници, кои што за жал, констатираме дека нашите превозни капацитети, 200 автобуси, стојат паркирани по крстосниците“, рече Муриќ.

Тој истакна дека превозниците се спремни да продолжат со нивната работа само доколку се продолжи со исплатата. Во спротивно, рече Муриќ, нема тргање на блокадата.
„Неограничено! Автобусите нема да бидат поместени воопшто од местата каде што се сега. А може да следи и дополнителна радикализација, да ги донесеме тука и нашите семејства“, изјави Муриќ.
- „Не ни е цел да попречуваме никого“ -
Исен Халили, претставник на „Макеспрес“, изјави дека долгот е акумулиран во период од една година. Тој рече дека во текот на изминатиот период работеле со загуба, позајмувајќи пари на нивен трошок.
„Кога долгот дојде до точка каде што не можевме да се снајдеме, да земеме пари од друго место, тогаш престанавме да работиме. Со прекинот на работата ни го раскинаа договорот. Всушност, се сведува на тоа или да работиш без пари, или да ти го раскинат договорот и да те остават без работа“, рече Халили.
Тој истакна и дека тие имаат поднесено писмени барања до институциите уште пред една година, но дека не наишле на разбирање, и не биле прифатени на средба.
„Се обидовме и порано со пократки блокади за да не им пречиме граѓаните на Скопје. Не ни е целта да попречуваме никого, туку да ги оствариме нашите барања. Сега дојдовме до точка во која што ќе продолжиме со протестот додека не се реши нашиот проблем, нема повлекување од тука“, порача Халили.
Претставниците на приватните превозници протестираа и претходно, притоа упатувајќи повик до централната власт да помогне и да биде посредник во спорот со Град Скопје.
Откако приватните превозници стапија во штрајк, Град Скопје соопшти дека е раскинат договорот со нив поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот.