Балкан

Вучиќ: „Во Србија почнува масовната вакцинација против Ковид-19“

Запрашан „зошто Србија ѝ подарила на Северна Македонија 8.000 антиковид вакцини на Фајзер“, Вучиќ праша што ѝ вреди на Србија вакцината ако соседите се во проблем и дека треба да им се помогне на соседите кога е тешко.

Andjelija Stojkovic  | 19.01.2021 - Обновена : 20.01.2021
Вучиќ: „Во Србија почнува масовната вакцинација против Ковид-19“

БЕЛГРАД

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот меѓу оперативниот тим за вакцинација и државниот врв изјави дека денес почнува масовната вакцинација во Србија и дека е важно граѓаните да разберат дека со тоа Србија ја менува иднината и во економска смисла, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вучиќ рече дека проценките за темпото на вакцинација се различни, но дека сè што е повеќе од 10.000 вакцинирани луѓе на дневно ниво е извонредно.

Тој додаде дека со масовна вакцинација можело да се почне дури кога има половина милион дози вакцини и дека се чекале поголеми количини.

Вучиќ укажа дека Србија има три вакцини - Фајзер, Спутник V и Синофарм, дека се преговара со Полска и АстраЗенека за тоа преку Полска, Србија да добие 800.000 дози на таа вакцина, дека се преговара со компанијата Џонсон и Џонсон и Модерна за вакцината што на граѓаните на Србија ќе им биде достапна најверојатно дури на есен.

Претседателот на Србија рече дека требало Србија да добие 500.000 дози на вакцината Спутник V, а сега се надева дека до утре на полноќ ќе добие 250.000 дози, дека во февруари ќе има вакцини од Фајзер во поголемо количество и дека Србија ќе ја замоли Кина за уште милион дози вакцини.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека досега 351.000 луѓе се пријавиле за вакцинација и дека новата транша на руската вакцина ќе биде регистрирана и за лицата постари од 60 години.

Запрашан „зошто Србија ѝ подарила на Северна Македонија 8.000 антиковид вакцини на Фајзер“, Вучиќ праша што ѝ вреди вакцината на Србија ако соседите се во проблем и дека треба да им се помогне на соседите кога е тешко.

„Мислам дека тоа ја покажува нашата одговорност и дека не живееме во затворен сад“, рече Вучиќ и додаде дека нема проблем да ѝ помогне на Албанија, како и дека не гледа како ќе одбие ако помош побараат Босна и Херцеговина, односно босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, како и дека Белград е спремен да им даде вакцини и на Албанците во Косово.

Претседателот на Србија додаде дека за српското население во Косово ќе се користи хибридниот модел за вакцинација, односно дека дел од жителите од северот на Косово ќе биде вакциниран во Општина Рашка, а луѓето од Косовско Поморавје во Врање и Бујановац (на југот на земјата).

Вучиќ најави дека и тој во наредните денови ќе се вакцинира, кога ќе му одобри лекарот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.