ОХРИД (АА) - Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска на регионална средба во Охрид за да дискутираат за подобрување на регионалната соработка за елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот присустуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија за Црна Гора, Драгица Секулиќ.
Лидерите, исто така одржаа и пленарна сесија со претставници на Европската Унија (ЕУ), Советот за регионална соработка, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.
На заедничката прес-конференција што се одржа по средбата, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека современ Балкан е сон на граѓаните, додавајќи дека состанокот има за цел да обезбеди подобар живот за граѓаните од сите држави од Западен Балкан.
„Акцисиот план предвидува 24/7 целосно работење на нашите граници, овозможува комплетно движење со лична карта на граѓаните од целиот овој регион. Овозможува услови коишто ќе значат брзи ленти на камионите кога поминуваат низ нашите гранични премини, овозможува акциски план со конечна цел меѓусебно признавање на сите документи од делот на агенциите за храна и ветеринарство“, рече Заев, и додаде дека ова е прва иницијатива преземена од самите земји од Западен Балкан.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека за неговата земја ова е многу важна иницијатива, додавајќи дека тие успеале за кратко време да постигнат договор за многу важни прашања.
„Денеска претставник од Светската банка ни рече дека кога ќе воспоставиме дежурства за фитосанитарни и ветеринарни инспекции на нашите гранични премини, кога ќе овозможиме побрз премин на камионите, само на соодветните премини меѓу државите, вкупната заштеда би била 229 милиони евра. Само за овој пример на малиот договор што го постигнавме, погледнете колку ќе заштедат граѓаните на Албанија, Северна Македонија и Србија“, рече Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека идејата за оваа иницијатива не е да се подели Западниот Балкан, додавајќи дека иницијативата е на регионалните земји и дека меѓународните институции биле поканети, а не поканувале. Тој, исто така, зборуваше за отсуството на претставниците од Косово на состанокот, нагласувајќи дека тој не ја смета оваа постапка за разумна.
„Ниту можам да го пронајдам интересот, ниту пак ја наоѓам користа од враќање во дамнешните години, овој пат не преку отфрлање, туку со самоисклучување. Регионалната соработка и реализацијата на четирите слободи на ЕУ во соработка со земјите од регионот, вклучително и Србија и Босна и Херцеговина, кои не го признаваат Косово, не значи дека Албанија го сменила својот став“, рече Рама, најавувајќи дека следната средба ќе се одржи во декември во Драч и дека се надева дека на неа ќе присуствуваат и косовските претставници.
Инаку, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претходно информираше дека одбил да учествува на Самитот во Охрид, велејќи дека не сака да ја замени евроатлантската перспектива со која било регионална иницијатива.
Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, рече дека неговата земја не учествувала во подготовката и презентирањето на иницијативата и дека нема конечен консензус и став.
„Потребно е институциите во БиХ, како што се Советот на министри на БиХ и Претседателството на БиХ, да бидат официјално информирани за содржината на оваа иницијатива, за очекуваните придобивки и моделите врз основа на кои ќе бидат решени и отстранети постојните царински бариери и унапредувањето на економската соработка во рамките на државите од Западен Балкан“, рече Звиздиќ, најавувајќи дека таквиот став на БиХ би можел да се очекува за време на состанокот којшто е најавен за следниот месец во Драч.
Министерката за економија за Црна Гора, Драгица Секулиќ, рече дека секоја иницијатива за регионална економска соработка во Црна Гора се проценува врз основа на тоа дали го забрзува процесот на интеграција на земјата во ЕУ и кои се придобивките за граѓаните и економијата.
„Истата судбина ќе ја доживее и оваа регионална иницијатива. За да може да се разгледа на ниво на експерти и на ниво на институции, таа мора да докаже кои се придобивките за нашите граѓани и за нашата економија, додека од друга страна мора да докаже дека со неа се забрзува нашиот пат кон ЕУ. Верувам дека ова е добра можност да разговараме за тоа во Драч во декември“, рече Секулиќ.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, лидерите од Западен Балкан рекоа дека не гледаат одржлива алтернатива освен целосното членство во ЕУ, што беше споменато и во заклучоците од состанокот. Сепак, лидерите рекоа дека ЕУ треба јасно да покаже што сака од земјите во регионот.
Во текот на вчерашниот ден, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, одржаа трилатерална средба на која ја утврдија Декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка, која доаѓа по претходната нивна заедничка средба која се одржа минатиот месец во Нови Сад, Србија.