Andelija Stojkovic
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, денеска разговараа со поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј и Светиот синод на Српската православна црква за прашањето на Косово и платформата што ја усвои Приштина, јавува Anadolu Agency (AA).
Патријархот Иринеј рече дека ваквите состаноци во актуелната ситуација се многу потребни и дека треба да се бара решение за проблемите што се јавуваат.
Тој истакна дека е битно државата и црквата да имаат исто мислење за проблемот и исто мислење за тоа како да реагираат на проблемот, во ситуација каква што е сега околу Косово.
Вучиќ рече дека на патријархот му го претставиле текстот на приштинската платформа и дека му кажале колкава опасност носи со себе и во каква ситуација се наоѓа Србија.
Тој оцени дека приштинската платформа е показател „колку некои луѓе сакаат да предизвикуваат криза, а не решавање на проблемот“.
Вучиќ истакна дека повеќе не очекува никаква реакција на меѓународната заедница, бидејќи ги молел платформата да не се усвојува, бидејќи таа претставувала „навреда за здравиот разум“.
„Ние секогаш сме подготвени за разговори, но тие разговори мора да бидат со оние кои сакаат разговори“, рече Вучиќ, и додаде дека може да се разговара само по повлекувањето на таксите.
Вучиќ нагласи дека ќе го информира патријархот за идните потези и дека секогаш е подготвен да ги сослуша ставовите на СПЦ.