Husamedin Gina
20 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
СКОПЈЕ
Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – „Раст“ истакна дека во Северна Македонија децата со нарушен раст се дијагностицираат многу доцна и дека бројката на лекувани деца од 100-105 годишно, треба да се зголеми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – „Раст“ денеска по седми пат се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата под мотото „Рано откриен нарушен раст = здравје за цел живот!“
Претседателот на Здружението „Раст“, Александар Петровски, во изјавата за медиумите по повод денот истакна дека децата што имаат проблеми со нарушен раст се дијагностицираат многу доцна, а за тоа се виновни самите родители и секако, матичните педијатри на децата.
„Исто така голем фактор е што државата е ограничена. Веќе 10 години забетонирани со една бројка на лекувани пациенти од 100 до 105. Нашето здружение направи една детална анализа која е доставена до министерот за здравство, со која без дополнителни финансиски импликации може да се реши проблемот и барем таа бројка да се зголеми за 10-15 можеби и 20 деца“, нагласи Петровски.
Петровски, наведувајќи дека јавноста треба посериозно да го сфати проблемот, рече дека како Здружение прават сè што можат, но за жал тапкаат во место.
Професор доктор Зоран Гучев, од Одделот за ендокринологија на Детската клиника во Скопје, наведе дека за да се лекува едно дете не е доволно да е ниско, туку треба да има медицинска причина, болест за да се лекува.
„Да земете кое било општество или која било земја 3 проценти од децата се ниски по дефиниција. Значи кај нас 15 илјади деца се ниски. И сосема е очигледно е дека 15 илјади деца не треба да примаат хормон за раст. Оние што треба да примаат хормон за раст се деца кои се болни. Нискиот раст не е болест, тоа е состојба“, рече доктор Гучев.
Доктор Зоран Гучев, потенцирајќи дека во суштина лекуваат џуџест раст, рече дека во Северна Македонија состојбата не е така лоша, но дека сигурно треба да се зголеми бројката на деца што ќе се лекуваат.
Светското искуство говори дека децата што имаат нарушувања на растот се соочуваат со многу сериозен проблем, кој се состои во доцно поставување дијагноза и последователно ненавремено лекување.
Ненавременото лекување на ова заболување доведува до сериозни последици со кои во иднина, како возрасни индивидуи, ќе мора да се носат со товарот – заболување што е навидум едноставно и визуелно поврзано со низок раст, но суштински со сериозна основа во позадина и уште посериозни последици.