Husamedin Gina
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) – Со цел да се претстави организираноста и врвната подготвеност на полицијата на Северна Македонија при вршење на задачите од областа на безбедноста, денеска беше организирана оперативно-тактичката вежба „Пролет-22”, јавува Агенција Анадолија (АА).
На оперативно-тактичката вежба, прва од ваков обем и содржина во земјата, која се одржа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, присуствуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, членови на Владата и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Низ претходно определено комплексно сценарио, беше организиран меѓународен спортски натпревар прогласен како натпревар од висок ризик, со најавено присуство на ВИП-лица, како и присуство на организирани и неорганизирани навивачки групи.
Припадници од Одделот на специјални полициски операции, Одделот за заштита на определени лица и објекти, Одделот за воздухопловни единици, Единицата за службени кучиња, Единицата за откривање и деминирање на експлозивни средства и направи и припадници на Секторот за внатрешни работи со меѓусебна соработка ја претставија организираноста и врвната подготвеност на полицијата на Северна Македонија при спортски натпревари од висок ризик.