Во Скопје се одржа промоција на списанието за литература, мисла и култура „Баг-лар“, кое се издава под покровителство на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ), јавува Анадолу.
На настанот, кој се одржа во Куршумли-ан во Старата скопска чаршија, учествуваа претседателот на ЈТБ, Абдула Ерен, и неговата делегација, турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) и пратеникот Бејџан Иљас, претседателот на Движењето за национално единство на Турците (ТМБХ), Ердоган Сарач, претставниците на турските институции и организации во земјата, како и други поканети гости.
Присутните прво ја посетија изложбата на фотографии со тема Балканот од еден од албумите Јилдиз на султанот Абдилхамид Втори.

Потоа се одржа концерт на скопскиот уметник Џенгиз Ибрахим, а беше прикажан и промотивен спот за списанието.
Претседателот на ЈТБ, Ерен, во својот говор зборуваше за односот на османлиската држава со Балканот.
Насочувајќи го вниманието кон фактот дека на почетокот на 2000-тите години турската надворешна политика претрпи парадигматска промена, Ерен рече дека Туркије презеде пореални и поконкретни чекори во односите со соседите.
Во последните 20 години, според него, под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган е постигнат голем напредок во односите со Балканот.
„Нашите односи со земјите од регионот на политички, економски, културни и на сите полиња се подигнати на високо ниво“, рече тој.
Тој истакна дека многу институции, како што се ЈТБ, ТИКА, Институтот „Јунус Емре“, Фондацијата „Маариф“, Генералниот директорат за вакуфи, Министерството за надворешни работи, како и невладините организации од Туркије напорно работат „за да го ублажат копнежот меѓу Туркије и Балканот“.

„Денес гледаме дека Туркије е земја што обезбедува доверба и мир, што е една од најосновните потреби за стабилност и мир на Балканот, со нејзината надворешна и балканска политика“, нагласи Ерен.
Тој рече дека со своите програми „Стипендии на Туркије“ секоја година пречекуваат стотици студенти од регионот.
Зборувајќи за списанието „Баг-лар“, Ерен рече дека младите Албанци, Босанци и Македонци пишуваат текстови на турски јазик во ова списание и дека во последните денови организираат програми за промоција на списанието во земјите од регионот.
Амбасадорот Секизќок рече дека низ вековите Балканот бил украсен со турската култура и уметност, со турскиот јазик и турските традиции.

Секизќок истакна дека во третото издание на списанието младите писатели од целиот Балкан се осврнале на темата „дом“, нагласувајќи дека „зборот дом има и тажна конотација за луѓето од овој регион бидејќи од почетокот на 20 век, прво Турците во Румелија, потоа Босанците и Албанците ги напуштиле своите домови и родни места и се сместиле во Туркије“.
Зборувајќи и за образованието на турски мајчин јазик во Северна Македонија, што е уставно право, турскиот амбасадор го насочи вниманието кон фактот дека сè уште има региони што не можат да го искористат ова право. „Очекуваме дека ќе се исполнат барањата за отворање турски паралелки овде“, рече тој.
Тој, исто така, им се заблагодари на соработниците на списанието „Баг-лар“ бидејќи тоа, според амбасадорот, создава убава средина што ја поддржува средбата на писателите од старата и новата генерација и овозможува опстанок на турската култура и јазик.
Беру Емин, една од членовите на редакцијата на списанието и писателка, ги информираше присутните за нивните дела.
Во меѓувреме, во текот на денот се одржа и трибина насловена „Турската книжевност на Балканот“ на која учествуваа писатели од земјите од регионот.
news_share_descriptionsubscription_contact
