Zylfije Adem Jakupi
21 Јули 2023•Ажурирај: 23 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) - Заменик-премиерот на Косово задолжен за дијалог со Србија, Бесник Бислими, не се појави на состанокот на Одборот за европска интеграција на Собранието на Косово на кој требаше да ги информира пратениците за процесот на дијалог, јавува Анадолу.
Иако не се појави на состанокот, пратениците на опозицијата на ѕидот од салата поставија четири фотографии на кои се гледа како потпретседателот Бислими со шише го гаѓа пратеникот на опозицијата на минатонеделната седница на Собранието на Косово. Опозицијата со тоа покажа дека Бислими го смета за одговорен за физичката пресметка што се случи меѓу власта и опозицијата.
Откако Бислими не се појави на состанокот на Одборот, претставници на опозициските партии одржаа конференција за новинарите.
Претседателката на Одборот за европска интеграција, Резарта Красниќи, од Демократскиот сојуз на Косово, рече дека заменик-премиерот Бесник Бислими требало да ги извести пратениците за состаноците во рамките на дијалогот и за мерките што ЕУ ги воведе во Косово.
„Целта на овој состанок беше потпретседателот на Владата да дојде и да ни каже за санкциите на Европската Унија кон Косово бидејќи ние, како Одбор за европски интеграции, сѐ уште немаме список што се однесува на заедничките финансии Косово-ИПА, а врз основа на правилникот, тој список потпретседателот на Владата би морал да го достави до Собранието“, нагласи Красниќи.
Пратеничката на Демократската партија на Косово, Блерта Делиу-Кодра, го критикуваше заменик-премиерот за неизвестување, оценувајќи дека „бега од граѓаните и опозицијата“. Таа рече дека граѓаните се запоставени од актуелната Влада со постојани афери.
„Што поскоро да има избори, тоа би било добра вест за Косово бидејќи на оваа Влада ѝ недостасуваат кредибилитет и легитимитет“, нагласи Делиу-Кодра.
И пратеничката од Алијансата за иднината на Косово, Тиме Кадриај, ја повика Владата на транспарентност во дијалогот со Србија бидејќи на тоа е обврзана врз основа на Резолуцијата усвоена во Собранието на Косово.
„Гледате дека оваа Влада бега од одговорноста да известува за што разговарале“, нагласи Кадриај.
Заменик-премиерот Бислими на 19 јули се состана во Брисел со претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак.
Бислими по состанокот рече дека постои потреба уште повеќе да се работи на конкретизација на некои документи што се важни за да се обезбеди целосна примена на Основниот договор од 27 февруари во Брисел.
Тој наведе дека Косово писмено ѝ ги предало на Европската Унија сите свои барања и обврски за кои смета дека ѝ припаѓаат на српската страна и дека тие треба да се конкретизираат низ план на имплементација на Основниот договор.