Husamedin Gina
22 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија донесе одлука од утре, четврток, 23 април, да се намалат рестрикциите на движењето на граѓаните, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата објавено на социјалните мрежи, секој работен ден, од понеделник до петок, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот.
Забраната за движење на територијата на целата држава ќе почнува во 19:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро.
За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 часот напладне, се истакнува во соопштението на Владата, и се додава дека младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.
Владата донесе одлука и за намалување на ограничувањата за движење за време на викендите.
Забраната за движење во текот на викендите ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.
Во сабота, за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.