Mehmet Öztürk,Sayed Khodaberdi Sadat
06 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
КАБУЛ (AA) - МЕХМЕТ ОЗТУРК - Гулбедин Хикметјар, лидерот на авганистанската партија Хизб-и ислами, која минатата година потпиша мировен договор со Владата на Авганистан, во интервју за Anadolu Agency (AA) изјави дека проблем за неговата земја не се терористичките организации ДЕАШ и Ал-Каеда, туку богатите земји кои поради лични интереси инвестираат во војна.
Хикметјар, оснивачот и лидер на Хизби- Ислам (Партија на исламот) се врати во главниот град Кабул, откако минатата година неговата партија потпиша мировен договор со авганистанските власти. Во разговорот за АА се осврна на повеќедецениската војна во неговата земја.
Истакна дека непријателите на исламот никогаш не ги оставиле Авганистанците на мира, ниту во војна, ниту во мир и дека жителите на оваа земја и во двата случаи давале свои жртви.
Потсети на фактот дека војната и пролевањето крв во Авганистан сеуште траат и додаде дека се надева дека народот на Авганистан еден ден ќе живее во мир и дека нема да има жртви од војната.
Хикметјар истакна дека непријателите на неговата земја ги прават сите напори и многу вложуваат со цел војната во оваа земја да трае константно. Авганистан веќе 40 години се гуши во војна, истакна Хикметјар и нагласи дека војната на Авганистанците им е сервирана од надвор.
Додаде дека по повлекување на тогашниот Советски сојуз од Авганистан, војната во неговата земја е оставена како наследство. Тогаш, според неговите зборови, војната во Авганистан е водена под покровителство на Москва, а денеска продолжува под водство на Вашингтон.
Хикметјар сепак верува дека војната во Авганистан се ближи кон крај, дека секој станал уморен од војна и дека сите разбрале дека авганистанското прашање може да биде решено единствено со напори на самите Авганистанци.
Нагласи дека оние кои настојувале со модерно оружје и силни војски да постигнат нешто со војна, сфатиле дека тоа не е можно, поради тоа во овие војни и нема победник.
Тој повтори дека проблемот во оваа земја можат да го решат само Авганистанците.
„Ние ќе преговараме со сите групи за да изнајдеме решение. Со некои од нив веќе остваривме контакти и приметивме дека на тоа гледаат позитивно. Секој доживеал негативни последици од оваа војна, поради тоа никој не сака такво нешто да се повтори", рече Хикметјар.
Лидерот на Хизб-и Ислам смета дека „ДЕАШ и Ал-Каеда не претставуваат голем проблем за Авганистан, туку примарен проблем претставуваат некои богати и силни земји кои поради личните интереси инвестираат со цел војната во оваа земја никогаш да не престане." Притоа, „странските сили и Авганистанците ги користат како средство во оваа војна", рече Хикметјар.
Кога е во прашање актуелната ситуација во Авганистан, порача дека неговото движење нема да тежи кон целта за промена на власта во земјата и додаде дека без поставување на било какви услови ќе пружи поддршка на државата за да во оваа земја биде воспоставен мир.
Осврнувајќи се на последниот терористички напад во Кабул, Хикметјар рече дека тој напад не го извршиле Авганистанците, ниту е можно тие да стојат позади тоа.
„Во овој напад постои вмешаност на странските сили. Тие не познаваат никакви граници и ништо не им е свето. Во нападот загинаа невини луѓе. Тоа може да го направи само некој кој не верува во Бог и чие срце е камено", порача Хикметјар.
Лидерот на Хизб-и ислам, Хикметјар и авганистанскиот претседател Есреф Гани минатата година потпишаа мировен договор, со што е завршена 14-годишна војна на оваа група против владата на Авганистан.
Со договорот, Хикметјар и членовите на неговата партија се остранети од меѓународната црна листа, овозможено им е непречено да престојуваат во Кабул, а претходно уапсените припадници на партијата се пуштени на слобода.