Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вчера во земјава е регистриран првиот случај на Омикрон варијантата на коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека станува збор за лице кое во земјава допатувало од Велика Британија, додека истото претходно, во јануари годинава, било заразено со Ковид-19.
„По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината Фајзер“, се вели од Министерството и се додава дека лицето сега има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом.
Северна Македонија во последните 24 часа регистрира 266 нови случаи на Ковид-19 како и 717 оздравени пациенти.
Според податоците на Министерството за здравство, вкупниот број на потврдени случаи на коронавирусот во земјата достигна 222.932, од кои 210.319 се излекувани.
Во изминатото деноноќие пријавени се уште 15 смртни случаи од коронавирусот, по што билансот на починати се искачи на 7.894.