Ekipa
26 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
ПАРИЗ (АА) - Франција вчера регистрира рекорден број нови случаи на коронавирусот, надминувајќи ја бројката од 100.000 за првпат од почетокот на пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Податоците на Одделот за јавно здравје покажаа дека се регистрирани 104.611 нови случаи. Бројката вртоглаво порасна од 22 декември кога дневниот број на заразени беше 84.272.
Високите бројки во Франција следуваат по влошената здравствена состојба во Велика Британија, која ја надмина бројката од 100.000 заразени на 22 декември.
Напливот на заразени е поради откривањето на високозаразната варијанта Омикрон во последната недела од ноември, кога бројот на заразени почна да расте. На 4 декември, бројот на заразени надминаа 50.000.
Здравствените власти претходно предвидуваа достигнување на бројката од 100.000 дневни случаи на вирусот до крајот на месецот.
Поголемиот број се должи делумно и на поопсежните тестирања во пресрет на божиќните празници. Заклучно со четвртокот, за 24 часа беа спроведени скоро 1,55 милиони тестови.
Додека Владата се воздржа од воведување построги ограничувања за божиќните празници, многу веројатно е дека нови мерки ќе бидат објавени пред новогодишните празници.
Претседателот Емануел Макрон ќе претседава со состанокот на Советот за здравствена одбрана во понеделник, кога Предлог-законот за вакцинална пропусница ќе биде претставен пред Советот на министри.
Владата има за цел да го усвои Предлог-законот во јануари, со кој бустер дозата ќе биде задолжителна за возрасната популација за влез во јавни места и за отстранување на потребата за приложување негативен ПЦР-тест.
Предлог-законот ќе ги заостри ограничувањата за околу 5 милиони невакцинирани лица кои избраа да не се вакцинираат.