Associated Press
26 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Почина јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту, добитник на Нобеловата награда за мир, кој беше еден од клучните актери за ставање крај на апартхејдот во Јужна Африка, објави денес јужноафриканскиот претседател Сајрил Рамафоса. Туту имаше 90 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како бескомпромисен непријател на апартхејдот, бруталниот режим на угнетување во Јужна Африка на црнечкото мнозинство, Туту неуморно работеше на негово рушење.
Свештеникот кој говореше отворено ја користеше својата проповедница како прв црн епископ на Јоханесбург, а подоцна и надбискуп на Кејп Таун, како и честите јавни демонстрации за да го поттикне јавното мислење против расната нееднаквост, како дома така и на глобално ниво.
Туту е јужноафрикански активист и пензиониран англикански надбискуп кој стекна светска слава во текот на 1980-тите години како противник на апартхејдот. Тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1984 година.
По школувањето стана англикански ѓакон. Замина за Лондон во 1962 година, каде што ја усовршуваше англиканската теологија.
Во 1967 година се врати во Јужноафриканската Република.
Тој беше еден од главните водачи и морални вертикали на отпорот кон апартхејдот. Ја критикуваше власта, се противеше на ксенофобијата и расизмот и се залагаше за правата на црнците.
Беше бискуп на Јоханесбург од 1984 до 1986 година. Стана надбискуп на Кејп Таун во 1986 година.
Од 1987 година, тој е претседател на Африканската конференција на цркви и еден од највлијателните верски водачи во Африка.
Во 1984 година, Туту стана вториот Јужноафриканец кој ја добил Нобеловата награда за мир, откако Алберт Лутули ја доби наградата во 1960 година.
Освен Нобеловата награда во 1984 година, тој ја доби наградата за хуманост „Алберт Швајцер“ во 1986 година, наградата за мир „Ганди“ во 2005 година, Претседателското одликување на слободата во 2009 година и многу други.