Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
КАРТУМ (АА) - Илјадници демонстранти денес одржаа собири низ Судан барајќи предавање на власта на цивилно управување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите носеле транспаренти повикувајќи на целосна цивилна власт и скандирајќи против војската, јави репортерот на АА од терен.
Слични протести се организирани и во градовите Атбара, Порт Судан, Медани, Нјала и Елобиед.
Очевидците изјавија дека суданската полиција употребила солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите во Картум.
Нема информации за повредени.
Демонстрантот Ахмед Абул Рахим рече дека илјадници демонстранти дошле до Претседателската палата во Картум.
„Наша цел е да организираме постојани протести пред Претседателската палата, без оглед на последиците“, изјави Абул Рахим за АА.
„Подготвени сме на секакви жртви за да го собориме овој воен режим“, додаде тој.
Според суданските активисти, пред денешните собири, телекомуникациските компании го прекинале интернетот низ целата земја од рано утрово.
Во Судан владеат немири од 25 октомври кога суданската Војска ја распушти преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба.
Но потоа, на 21 ноември, Хамдок беше вратен на функцијата како резултат на договорот со Абдел Фатах ал-Бурхан, началникот на суданската Армија, во потег што имаше за цел да ја реши политичката криза што се закануваше да ја поткопа транзицијата на Судан кон демократијата.
Додека земјите и регионалните и меѓународните организации, меѓу кои и Обединетите нации (ОН), го поздравија договорот, суданските политички и цивилни сили го отфрлија, сметајќи го за „обид за легитимирање на пучот“.
Пред преземањето на власта од страна на војската, со Судан раководеше суверен совет од воени и цивилни претставници кои го надгледуваа периодот на транзиција до изборите закажани за 2023 година, како дел од нестабилниот договор за поделба на власта меѓу војската и коалицијата на Силите за слобода и промени.