Furkan Abdula
06 Август 2021•Ажурирај: 09 Август 2021
СКОПЈЕ
Во Северна Македонија изутрина пристигнаа 20.000 дози вакцини на „Астра Зенека“ како донација од Хрватска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за здравство на Северна Македонија.
„Утрово во земјава пристигнаа 20.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Република Хрватска“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека вакцините веќе од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата.
„Ова е втора донација на вакцини на „Астра Зенека“ од страна на хрватската Влада. На почетокот на месец јули донација од 10.000 вакцини донесе министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман“, се додава во соопштението.
Според ова соопштение, солидарноста и подадената пријателска рака во време на пандемијата е чин што целиот процес на борба против коронавирусот го прави поуспешен.
„Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, изразува голема благодарност до хрватската Влада за овој чин на солидарност“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство на земјата.