İhvan Radoykov
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
СОФИЈА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека има сериозен пад во бројот на бегалците кои доаѓаат од Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Младен Маринов, генерален секретар на министерството, истакна дека од почетокот на годината само 362 лица биле фатени при влез во земјата на илегален начин.
„Состојбата на границата изгледа сосема мирна. Има пад од 70 отсто во бројот на илегалните преминувања, во споредба со истиот период минатата година“, нагласи Маринов за Бугарското национално радио (БНР).
Исто така, на интернет-страницата на министерството е наведено дека во периодот од јануари до април 2017 година, на сите граници биле фатени вкупно 1.097 лица, од кои 362 лица се фатени при влез, 154 при излез од земјата, како и 581 лице фатени во спроведени операции во земјата. Според податоците на министерството, во 2016 година, 4.381 лица биле фатени при обид за илегално преминување на границите.
- Поинтензивни се илегалните преминувања кон Европа -
Маринов посочи дека државјаните од трети земји кои се наоѓаат во земјата, најмногу бараат начин за да заминат во Европа. Тој вели дека жичената ограда долга 166 километри на границата со Турција, чиешто поставување е при крај, како и другите безбедносни мерки даваат позитивни резултати.
Тој истакна дека во моментот во земјата се наоѓаат 3.128 регистрирани странци, од кои 2.104 живеат во бегалски кампови, а другите во куќи што ги изнајмиле.
Депортирани се 1.007 странци, претежно Авганистанци и Ирачани, кои од почетокот на годината илегално престојувале во Бугарија. Според евиденциите, се верува дека околу 3.000 странци кои треба да бидат во Бугарија, илегално заминале во странство. Во „затворените бегалски кампови“, изградени за странците кои се сметаат како проблематични за националната безбедност, престојуваат 151 Авганистанец 125 Пакистанци, 66 Ирачани и 59 Сиријци, а тие се под надзор на Министерството за надворешни работи.
- Поддршка од ЕУ -
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во својата изјава за БНР, истакна дека Бугарија се претворила во фактор на стабилност што ги креира политиките на Европската Унија (ЕУ), и пренесе дека од ЕУ побарале дополнителна поддршка од 425 милиони евра за заштита на границите. Бугарија и претходно побарала помош од 160 милиони евра од ЕУ за истата цел.
Од друга страна, Волен Сидеров, лидер на партијата Атака, претставник на екстремната националистичка коалиција Обединети патриоти (ОП), а воедно и партнер на владата, за време на викендот ја посети границата со Турција, ја разгледа состојбата на жичената ограда, и се информираше за преземените безбедносни мерки. Сидеров нагласи дека благодарение на овие мерки речиси е прекината илегалната миграција, и оти се многу задволни поради тоа.