Admir Fazlagic
22 Април 2019•Ажурирај: 22 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - По завршувањето на гласањето од првиот круг од претседателските избори во Република Северна Македонија, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Христијан Мицкоски и нивниот кандидат за претседател, Гордана Сијлановска-Давковка, одржаа прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги победивме, но не целосно ги поразивме, затоа е неопходен вториот круг и победа во вториот круг. Ова е заедничка победа за нас и за Република Македонија“, истакна Мицкоски.
Кандидатката за претседател на Северна Македонија, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, им се заблагодари на сите граѓани кои денеска го искористиле своето право на глас, особено упатувајќи благодарност на оние кои биле аполитични, а гласале за неа.
Таа истакна дека за неа, која во својата кампања укажувала за отсуство на владеење на правото е важно што граѓаните ги разбрале и препознале нејзините пораки.
„Значи, опозицијата успеала навистина, не само да им предочи, туку и да ги убеди граѓаните дека во отсуство на право и правда ние можеме да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО, затоа што само со исполнување на основниот копенхагеншки критериум - владење на правото, може да се добие почеток на преговори“, истакна Силјановска-Давкова.
Додаде дека на оваа земја ѝ треба нов профил на политичари, кои имаат демократска политичка култура и европско храбро лидерство.
Силјановска-Давкова најави и предизвикување на „нова демократска бура“, додавајќи дека не случајно претседателските избори ги поврзува со предвремени парламентарни избори.
Според досегашните официјални податоци на Државната изборна комисија (ДИК), кандидатот на владејачкиот СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, освои 42,76 отсто од гласовите, кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, освои 42,48 отсто од гласовите, а кандидатот поддржан од опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, освои 10,42 отсто од гласовите.
Излезноста, според податоците на ДИК, во првиот круг од претседателските избори изнесува 41,97 или 721.595 гласачи го искористиле своето право на глас, од вкупно 1.808.131 гласач.
Меѓу другото, покрај на првиот круг од претседателските избори, граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село имаа можност да го искористат своето право на глас за избирање градоначалници на овие општини.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по затворањето на избирачките места одржа прес-конференција на која истакна дека гласањето во текот на денешниот ден поминало мирно, без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Спасовски им се заблагодари на институциите и на граѓаните за, како што рече, успешно спроведените избори.
Вториот круг од изборите ќе се одржи за две недели, на 5 мај.
Ова се шести претседателски избори, по осамостојувањето на земјата.