Leila Nezirevic
13 Август 2024•Ажурирај: 14 Август 2024
ЛОНДОН (АА) - Насима Размјар, потпретседателка на финската Социјалдемократска партија (СДП) и пратеничка во Парламентот, остро го критикуваше начинот на кој нордиската земја реагира на бруталната војна на Израел во Газа, обвинувајќи го Хелсинки за празна реторика без значајни дејства, пренесува Анадолу.
Размјар изрази длабока фрустрација поради злосторствата извршени од страна на Израел врз Палестинците и рамнодушноста на меѓународната заедница.
„Бескрајните жртви на војната во Газа е тешко да се опишат со зборови. Стануваме десензибилни кон постојаните наслови што само раѓаат цинизам. Човечкото страдање, гладот, пепелта од бомбардираните градови - тешко е да се опишат затоа што секогаш беа присутни во текот на војната“, истакна таа, објави националниот дневен онлајн весник „Хелсинки Тајмс“.
Политичарката истакна дека и покрај тоа што Меѓународниот суд на правдата (МСП) повика на прекин на огнот и ја прогласи окупацијата на палестинските територии за нелегална, војната против Палестинците продолжува.
Коментарите на Размјар дојдоа во период кога меѓународните лидери ги интензивираа повиците за прекин на огнот и хуманитарната помош да стигне до Палестинците.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Кир Стармер вчера издадоа заедничка изјава во која повикаа на итен прекин на огнот и ја истакнаа итноста за испорака на помош за Газа.
„Целата меѓународна заедница конечно почнува да ја разбира магнитудата на оваа катастрофа. Спротивставувањето на војната во Газа се пресели подалеку од колумните за вести и делот за коментари. Сега протестите допираат до културните настани, универзитетските кампуси, па дури и до бизнисите“, истакна Размјар.
Таа ја осуди финската Влада што се воздржува од резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се повикува на прекин на огнот и од замрзнувањето на поддршката за Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
„Оттогаш Финска не направи ништо повеќе од изразување нејасна надеж за крајот на војната, без да преземе конкретни чекори за постигнување мир или да ги повика страните на одговорност“, додаде таа.
Според Размјар, Финска треба да игра поголема улога во надворешната политика со јасно декларирање на својот став и поставување лимити во однос на прифаќањето на војната, исто како Норвешка, Шпанија и Ирска.
Нејзините коментари се дел од зголемениот внатрешен притисок врз финската Влада да заземе поцврст став во меѓународните активности да се стави крај на бруталната војна на Израел во Газа.
Според здравствените власти на Газа, од 7 октомври минатата година во израелските напади врз Газа убиени се речиси 40.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а над 92.000 се повредени.