Husamedin Gina
22 Април 2019•Ажурирај: 22 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Во првиот круг на претседателските избори води концептот „Заедно напред“, тоа е дел од единствениот успешен концепт за сите нас и за нашата држава”, истакна кандидатот за претседател на Северна Македонија поддржан од владејачката СДСМ (Социјал демократски сојуз на Македонија) и коалицијата, Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој, на вечерашната заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев, нагласи дека концептот „Заедно напред“ ќе ја заокружи победата на 5 мај, во вториот круг на претседателските избори, додавајќи дека гласањето помина во демократски дух.
„Благодарам за мнозинската поддршка што ми ја дадовте мене и на овој концепт „Заедно напред“ уште во првиот изборен круг. Јасна е мнозинската поддршка од граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Власи, Роми и други. Во првиот круг води концептот „Заедно“, тоа е дел од единствениот успешен концепт за сите нас и за нашата држава“, истакна Пендаровски, додавајќи дека концептот „Заедно“ ќе победи и во вториот круг, на претседателските избори на 5 мај.
Пендаровски истакна дека денешното гласање помина во демократски дух и дека очекува така да продолжи и на 5 мај, Пендаровски рече:
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, вечерва истакна дека Стево Пендаровски, заедничкиот кандидат на владејачката коалиција води во првиот круг од претседателските избори и дека тој ќе биде претседател на државата, зашто очекува победа и на 5 мај.
Според премиерот Заев, во првиот круг на претседателските избори, Стево Пендаровски води за околу 4.300 гласа пред Гордана Силјановска - Давкова, кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Тоа се преку 4.300 гласа предност на Стево Пендаровски, и затоа дозволете ми, почитувани граѓани, прво да ви честитам за фер и демократските избори со кои потврдивме темелна европска вредност. Вакви чекори ни доликуваат, јас сум уверен дека во вториот изборен круг ќе заокружиме уште една европска вредност, европски претседател на нашата држава“, нагласи премиерот Заев, истакнувајќи дека очекува гласовите за Блерим Река на 5 мај да придонесат за патот кој води напред.
Според досегашните официјални податоци на Државната изборна комисија (ДИК), кандидатот на владејачкиот СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, освои 42,76 отсто од гласовите, кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, освои 42,48 отсто од гласовите, а кандидатот поддржан од опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, освои 10,42 отсто од гласовите.
Излезноста, според податоците на ДИК, во првиот круг од претседателските избори изнесува 41,97 или 721.595 гласачи го искористиле своето право на глас, од вкупно 1.808.131 гласач.
Меѓу другото, покрај на првиот круг од претседателските избори, граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село имаа можност да го искористат своето право на глас за избирање градоначалници на овие општини.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по затворањето на избирачките места одржа прес-конференција на која истакна дека гласањето во текот на денешниот ден поминало мирно, без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Спасовски им се заблагодари на институциите и на граѓаните за, како што рече, успешно спроведените избори.
Вториот круг од изборите ќе се одржи за две недели, на 5 мај.
Ова се шести претседателски избори, по осамостојувањето на земјата.