Zylfije Adem Jakupi
08 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Опозицијата бара Владата на Косово да ги координира своето делување и одлуки со сојузниците, изјавија лидерите на трите опозициски партии по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, на која е разговарано за новонастанатата ситуација по излегувањето на претставниците на српската заедница од косовските институции на централно ниво и од сите институции на северот на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, оцени дека ситуацијата е таква што не може да се види јасен епилог. Тој рече дека на Косово сега му е потребно одговорно делување, кое ќе ги зачува мирот и суверенитетот на целата територија на земјата, но дека не може да каже дека е сигурен дека Владата знае во кој правец оди и кои чекори треба да ги преземе за ситуацијата да се задржи под контрола.
„Што се однесува на продолжувањето на суверенитетот во четирите северни општини, но и на одржувањето на јавниот ред и пружањето основни услуги, Владата мора да преземе соодветни чекори и за тоа ќе ја има поддршката од ПДК, преку нашите постапки во Парламентот или во која било друга прилика што ќе ја имаме“, нагласи Красниќи.
Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Лумир Абдиџику, рече дека на состанокот не слушнал ништо ново од она што премиерот веќе го кажал во јавност, и дека не чул никаков конкретен план за излез од ситуацијата на северот на Косово. Тој рече дека ЛДК бара целосна координација во дејствувањето со сојузниците.
„Ние веруваме дека блиската соработка со Стејт департментот и безбедносните институции на САД, со нашите сојузници во Вашингтон и Брисел, е единственото адекватно решение за ситуацијата во која во моментов се наоѓа Косово“, нагласи Абдиџику.
Истакна дека координацијата со партнерите не значи само информирање на партнерите, туку и тесна соработка со нив.
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, на самиот почеток го напушти состанокот, бидејќи, како што рече, премиерот држел предавања и не објаснил зошто ги прекинал односите со Соединетите Американски Држави.
„Иако бев дел од состанокот со премиерот Курти, бев принуден да го напуштам состанокот бидејќи Курти држеше предавање и не ни објасни зошто ги прекина односите со Америка и зошто не го исполнува нејзиното барање“, наведе Харадинај и додаде дека е неприфатливо во такви чувствителни случаи да се нарушуваат односите со главниот безбедносен сојузник.
Инаку, косовскиот премиер Албин Курти вчера на прес-конференција оцени дека излегувањето на Србите од косовските институции нема врска со Заедницата на општини со српско мнозинство, со регистарските таблички или со суспендирањето на директорот на Полицијата на Косово за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, туку дека станува збор за одбивањето на германско-францускиот предлог за финалниот договор меѓу Косово и Србија.
„Србија“, рече Курти, „е јасно заинтересирана да го саботира дијалогот и секој договор, а патот што го избрала е соработка со криминалните групи на северот на Косово, кои се закана за граѓаните и безбедноста на Косово.“ Курти рече дека бојкотот не е решение и дека институциите немаат алтернативи и ги повика сите српски граѓани да не ги напуштаат косовските институции и да не подлегнуваат на политички манипулации.
Десет пратеници на Српската листа вчера ги предадоа своите неотповикливи оставки во Собранието на Косово откако во саботата сите српски претставници се повлекоа од Собранието и Владата на Косово, како и од сите институции на северот на Косово. Исто така, неколку стотини полицајци, судии, обвинители и административни работници од српска националност од раните утрински часови доаѓаат во полициските станици, судовите и обвинителствата, каде вршат примопредавање на своите должности, а претходно поднесоа оставки по писмен пат.
Од Српската листа истакнаа дека нивната одлука останува во сила сè додека Приштина не ги повлече „едностраните и незаконски одлуки“ за пререгистрација на регистарските таблички и не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот договор од Брисел.