Furkan Abdula
07 Ноември 2022•Ажурирај: 08 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје беше презентиран Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), насловен како „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, домаќин на оваа презентација беше претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Осврнувајќи се на негативните тенденции кои преовладуваат како резултат на низа надворешни влијанија и внатрешни фактори, Пендаровски истакна дека извештајот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој, односно дека може да биде патоказ во овие несигурни времиња.
„Овој индекс нè потсетува дека вистинска цел на развојните политики мора да биде добробитта на луѓето“, нагласи Пендаровски.
Тој рече дека половина од земјите во регионот на Југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со висок човеков развој. Според него, климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот.
„Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори. Сведочиме на долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентелизмот и сивата економија што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку секоја власт од независноста до денес наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа“, рече тој.
Меѓу другото, Пендаровски потсети дека пред неколку месеци ја промовирале Рамката за развој МКД2030 како долгорочна визија за развојот и иднината на Северна Македонија, и дека во овие рамки биле утврдени четири приоритети со 166 конкретни препораки, за кои рече дека верува дека можат суштински да придонесат за подобрување на трите димензии на човековиот развој.
„На пример, долгиот и здрав живот директно зависи од квалитетот на животната средина, особено воздухот. Образовната димензија ја адресираме во приоритетот посветен на младите и инклузивниот развој. Освен тоа, потребни се современи културни политики, промоција и заштита на човековите права и вложување во медиумската писменост што е предуслов за разликување на вистината од лагата“, рече Пендаровски.
„Патот до квалитетен животен стандард како трета димензија на човечкиот развој, нужно оди преку забрзан економски раст што подразбира повисока продуктивност и конкурентност во економијата, масивно вложување во иновации и технолошки развој, домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен пазар на трудот. А, претпоставка за реализација на секој од приоритетите е дигиталната трансформација на економијата и дигитализацијата на јавните услуги“, додаде Пендаровски.
„За да ја постигнеме целта: повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската Унија значат дополнителен мотив за суштински реформи“, рече претседателот во обраќањето.
Според него, европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на општеството, далеку подобри параметри во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите.
„Иако товарот на најголемиот дел од обврските лежи врз нас, се разбира, дека и Европската Унија има обврска да биде далеку поактивно вклучена во овој процес“, истакна Пендаровски.
На настанот се обрати и постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан.