Zylfije Adem Jakupi
07 Ноември 2022•Ажурирај: 08 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Кабинетот на премиерот на Косово го организира првиот Регионален самит за заштита од расна дискриминација, со посебен фокус на дискриминацијата на Ромите, Ашкалите и Египќаните, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самитот собра високи државни претставници, амбасадори, претставници на граѓанското општество и новинари од Косово, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека косовските граѓани Роми, Ашкали и Египќани немаат просечен животен стандард на Косово, додавајќи дека освен со сиромаштија, се соочуваат и со дискриминација во општеството. Курти истакна дека тие заедници имаат многу неоткриени таленти кај младите, и дека косовското општество како целина е лишено од нивниот придонес.
„Тоа што луѓето се различни не значи дека не можат да бидат еднакви. Да се биде еднаков не е поврзано со тоа да се биде идентичен. Токму затоа што сме различни, мора да бидеме еднакви“, нагласи Курти, додавајќи дека различноста е богатството на човечкиот живот што мора да ја следи солидарноста.
Курти оцени дека неопходно е да се соработува и да се споделуваат институционалните практики со цел да се зголеми благосостојбата и да се подобри квалитетот на животот на припадниците на тие заедници во земјите од регионот.
„Потребна е институционална одговорност, но и општествена свест“, констатира Курти.
Шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, амбасадорот Томаш Сунјог, рече дека заедниците на Ромите, Ашкалите и Египќаните во Косово се дискриминирани. Тој истакна дека малцинствата во Косово се соочуваат со исклученост, предрасуди и дискриминација, кои мора да се елиминираат.
„Европската Унија го поздравува започнувањето на националната платформа за заштита од дискриминација на заедницата на Ромите, Ашкалите и Египќаните, и ја поддржува нејзината цел, која служи како дополнително средство во борбата против дискриминацијата“, нагласи Сунјог.
Првиот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Артан Груби, рече дека во минатото Северна Македонија била земја на дискриминација на заедниците, додека денес постои посветеност кон поставување стандарди за почитување на сите заедници.
Како што истакна, унапредувањето на правата на заедниците во Северна Македонија е остварено благодарение на Охридскиот рамковен договор, кој има универзален карактер.
„Покрај официјализирањето на албанскиот јазик, со Охридскиот договор овозможена е комуникација на мајчините јазици и на турската, ромската, бошњачката и српската заедница во некои општини и тоа како официјален јазик, вклучително и употребата на националното знаме на заедниците“, нагласи Груби.
Тој рече дека на сите заедници во Северна Македонија со Уставот им е загарантирано учење на нивниот мајчин јазик.
За Ромите, Ашкалите и Египќаните се гарантирани четири пратенички места во косовското Собрание.
Според последниот попис на населението од 2011 година, на Косово живеат над 8.000 Роми, над 15.000 Ашкали и над 11.000 Египќани. Ашкалите и Египќаните, кои зборуваат албански јазик, се образуваат главно на албански јазик. Учениците Роми во Косово се школуваат на албански, српски, босански или турски јазик, во зависност од општината во која живеат.
Во три основни училишта во Општина Призрен има и факултативна настава за учење на ромскиот јазик.
На крајот на октомври, на седницата на Собранието на Општина Призрен, изгласано е ромскиот јазик да се признае како јазик во официјална употреба во таа општина. Инаку, Општина Грачаница, со мнозинско српско население, досега беше единствената општина што го имаше ромскиот јазик во официјална употреба.