Zylfije Adem Jakupi
07 Ноември 2022•Ажурирај: 08 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) – Десет пратеници на Српската листа денеска официјално поднесоа неотповикливи оставки во Собранието на Косово, откако во саботата сите српски претставници се повлекоа од Собранието и Владата на Косово, како и од сите институции на северот на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илир Керчели, шефот на Кабинетот на претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, за АА потврди дека оставките на српските пратеници се предадени до собраниската администрација.
Српската листа на последните парламентарни избори одржани во октомври 2021 година ги освои сите 10 мандати во Собранието на Косово резервирани според Уставот на Косово за српската заедница.
Сите десет пратеници на Српската листа во Собранието на Косово, министер во Владата на Косово, градоначалниците на четири општини на северот на Косово, како и сите претставници на Србите во косовските судови и полицијата, ги поднесоа своите оставки во саботата, на 5 ноември.
Како што е речено по повлекувањето од косовските институции, нивната одлука останува во сила сè додека Приштина не ги повлече своите „еднострани и противправни одлуки“ за пререгистрација на регистарските таблички и додека не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот договор од Брисел.
На повлекувањето од институциите му претходеше одбивањето на директорот на косовската полиција за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, српските полицајци на северот на Косово да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнување на граѓаните за возилата кои не се пререгистрирани со таблички на РКС (Република Косово), поради што в.д. директорот на Полицијата на Косово го суспендира.