Владата прогласи седумдневна кризна состојба поради неможностa за снабдување со мазут
- „Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството“, соопшти Владата
СКОПЈЕ (AA) - Владата на Северна Македонија на денешната редовна седница донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на земјата во наредните седум дена, јавува Анадолу.
Владата соопшти дека одлуката е донесена по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
„Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“, соопшти Владата.
Минатата недела ЕСМ соопшти дека поради блокадите на граничните премини од страна на грчките земјоделци, земјава се соочува со неможност да се донесе увезениот мазут, по што најави дека ќе побара прогласување кризна состојба.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
