Во Скопје се одржа концертот „Две култури-еден ритам“
- Концертот беше организиран во Филхармониската сала во соработка на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје (ИЈЕ) и Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, со поддршка од Општина Башакшехир и Халкбанк.
СКОПЈЕ
Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, беше одржан концертот „Две култури-еден ритам“, јавува Анадолу.
Концертот беше организиран во Филхармониската сала во соработка на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје (ИЈЕ) и Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, со поддршка од Општина Башакшехир и Халкбанк.

На концертот присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, претставници на турски и локални институции во земјата, како и голем број гости.
Директорот на ИЈЕ во Скопје, Јунус Дилбер, во своето обраќање им се заблагодари на сите што придонесоа за организацијата на овој концерт.

Потсетувајќи дека учениците ги научиле инструментите во интензивен тримесечен процес, Дилбер рече: „Денес ќе ни приредат многу убава македонско-турска музичка вечер.“
Координаторката на Одделот за традиционална музика и танц при Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, Гордана Тасевска, изјави:
„Концертот е сценска реализација на идеја што произлезе од мојата професионална и педагошка работа и од желбата преку фолклорната традиција да се истражат и споделат заедничките вредности на различните култури.“

По говорите, учениците и наставниците од Одделот за традиционална музика и танц при „Илија Николовски-Луј“ изведоа турски и македонски песни и народни ора.
Елена Христова, уметница од Северна Македонија, заедно со учениците, на концертот изведе омилени народни песни.
Концертот беше реализиран во рамките на работилницата „Две култури-еден ритам“, поддржана од ИЈЕ, која се одржа во октомври со учество на учениците и наставниците од „Илија Николовски-Луј“.

