Admir Fazlagic
21 Октомври 2020•Ажурирај: 22 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија реагираше на изјавите на министерот за одбрана на Република Бугарија Красимир Каракачанов, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новоименуваниот портпарол на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски, денеска ја одржа првата прес-конференција, при што одговараше на новинарско прашање за изјава на министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов, дека е „подготвен да испрати инженерски полк и ги отстрани спомениците и спомен-плочите на кои пишува фашистички окупатор."
Портпаролот Арсовски го наведе ставот на министерката за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска и истакна дека „ваквите изјави се недостојни и недолични, како и дека претставници на две земји членки на НАТО не може на ваков начин да комуницираат меѓу себе."
„Воедно портпаролот Арсовски изрази убеденост дека Бугарија како земја-сосед која прва ја призна независноста на Северна Македонија и која беше прв промотор на нашата интеграција кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ", се вели во соопштението на прес-служба на на Владата на Северна Македонија.
Се додава дека портпаролот Арсовски го изрази оптимизмот на Владата на Северна Македонија дека ова не е став на мнозинството во Бугарија и дека ќе се изнајде решение со кое ќе се надмине ова недоразбирање со соседна Бугарија.
Потсетуваме, по пауза од речиси една година заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во на 15 и 16 октомври во Скопје одржаа разговори, а претставниците на комисијата соопштија дека имаат „мали чекори на напредок во разговорите". Соопштено е дека на средбата е договорено до крајот на оваа година да се одржи уште една средба, а за следната година уште пет средби на комисијата.
Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија е формирана како дел од Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу двете земји, потпишан во јуни 2017 година. Комисијата е формирана со цел да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заеднички историски настани и личности.
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, на 16 септември, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.