Zylfije Adem Jakupi
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
ПРИШТИНА (АА) ‒ Владата на Косово денеска воведе санкции кон Русија во согласност со санкциите на САД и Европската Унија против дејствија кои го поткопуваат и загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Отворајќи ја седницата на Владата, косовскиот премиер Албин Курти изјави дека оружениот напад на Русија врз Украина е закана за заедничката меѓународна безбедност.
„Го започнуваме денот придружувајќи се на нашите партнери во Европската Унија и САД како одговор на воената агресија на Русија со усвојување пакет санкции против неа. Ова не е првпат, Косово, со приклучувањето кон демократскиот свет, да воведува санкции кон Руската Федерација, а во двата случаи поради агресијата врз Украина“, рече Курти.
Косовскиот премиер оцени дека денешна Русија сака да биде стара, постара од Советскиот Сојуз, да биде Руска Империја. Курти посочи дека Косово тесно соработува со ЕУ, НАТО, САД и Велика Британија за да се спротивстави на руската освојувачка војна, но и на влијанието и можните последици во нашиот регион.
Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала, презентира пакет санкции против Русија, по вчерашната воена интервенција во Украина и „флагрантното кршење на територијалниот интегритет на Украина“.
„Министерството за надворешни работи и дијаспора предлага усвојување и примена на сите економски и финансиски санкции што досега ги воведоа Советот на Европската Унија и САД против Русија, но и против некои поединци од Белорусија поради нивната улога во олеснувањето на рускиот напад за Украина“, рече Грвала.
Таа појасни дека санкциите вклучуваат замрзнување на имотот на банките, забрана за пристап до финансиските пазари, забрана за патување и транзит на поединци во земјите кои ги применуваат овие санкции.