СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ -
Центарот за управување со кризи (ЦУК), како самостоен орган на државната управа на Република Македонија е формиран во 2005 година заради предлагање одлуки и обезбедување постојани консултации, координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на ресурсите што се на располагање во случај на кризна состојба, а и за обезбедување навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Република Македонија од ризици и опасности.
Директорот на оваа институција, Агрон Буџаку, во разговор за Anadolu Agency (AA) говори за начинот на функционирање на самата институција, нејзините задачи, цели, искуствата од кризните ситуации, како и за регионалната и меѓународната соработка.
Во разговорот, Буџаку потсетува дека тој бил првиот директор на ЦУК, уште од неговото формирање во 2005 година. Објаснува дека ЦУК ги координира сите институции кои менаџираат со кризи предизвикани од природни и човечки фактори. Говорејќи за задачите на ЦУК, Буџаку наведува дека институцијта во рамките на целата држава има околу 300 вработени, притоа објаснувајќи дека според систематизацијата на работните места, институцијата, како што вели тој, би требало да има околу 500 вработени.
- „Координацијата е голем проблем во Република Македонија“ -
„Ние имаме одредена задача на редовно известување, предупредувања и во случај на кризна состојба на координирање на системот. Ние немаме конкретно задача да интервенираме со луѓе, опрема...“, вели Буџаку додавајќи дека ЦУК го координира системот, истакнувајќи дека генерално е потребно многу поголемо почитување на законите, стандардните и оперативни процедури и промена на менталитетот, за целокупниот државен систем да биде функцонален и да постои синхронизирано делување на институциите на системот.
Во однос на процедурата на прогласување на кризните состојби, тој рече: „Сето тоа е замислено да не може никој, ниту Министерството за внатрешни работи, ниту Министерството за одбрана, ниту претседателот, самостојно да прогласи кризна состојба без да се разгледа од институциите. Мислам дека во теорија тоа е добро замислено, а во практиката, се соочувавме со проблеми затоа што координацијата е голем проблем во Република Македонија“.
- „Македонија не е за критика кога е во прашање бегалската криза“ -
Бегалската криза која во 2015 година ја зафати и Република Македонија како дел од таканаречената Балканска рута се случи неочекувано, и институциите не беа подготвени да одговорат во целост на сите барања и проблеми од институционален карактер. Сепак, првиот човек на ЦУК истакнува дека во споредба со другите држави, Република Македонија не е за критика, и дека институциите одговориле во согласност со своите институционални капацитети.
„Во споредба што се случувало со многу посилни земји и кај нас, мислам дека Македонија не е толку за критика. Институциите постапиле во рамките на своите можности и капацитети, бројчано, финансиски и материјално. Институционално мислам дека ние ја извршивме задачата особено оваа година, камповите на кои ние сме координатори, прифатните центри се во ред. Што се однесува на превенцијата, хуманото третирање на луѓето, на децата, мислам дека тука не добивме толкава поддршка од институциите на ЕУ“, вели Буџаку.
Тој гледа критички кон пристапот на ЕУ во однос на справувањето со бегалската криза.
„Јас ќе бидам критичен кон ЕУ, затоа што пред некој месец тука беше целата делегација, ние ги доставувавме барањата за поддршка бидејќи ние вршиме некои работи за нив“, истакна Буџаку, наведувајќи дека, на некој начин, Македонија ги штити границите на ЕУ.
Првиот човек на ЦУК нагласи дека од страна на Европската Унија е потребно повеќе разбирање и поголема помош. Во разговорот, тој се осврна и на различните аспекти на бегалската криза и посочи дека во некои земји од ЕУ постојат проблеми во врска со правилното разбирање на феноменот на миграциите.
„Мојата критика се однесува на пристапот на ЕУ, за жал има премногу ксенофобија и манипулација“, вели Буџаку.
- „Она што Турција го прави за бегалците е за восхит“ -
Од друга страна, тој упати пофални зборови за политиката кон бегалците којашто ја води Република Турција, која е земја домаќин на повеќе од три милиони бегалци.
„Во однос на тоа, јас ѝ се воодушевувам на Република Турција. Кога бев на семинар во Џорџ Маршал Центар, во Германија, таму говореше и професор од турска етничка припадност од Америка, зборуваше за 3 - 3,5 милони бегалци. Да се справите со толкав број, тоа е за поздравување и за восхит“, нагласува Буџаку.
Говорејќи за тоа што би се случило доколку Република Македонија повторно се соочи со бегалска криза од размери како во летото 2015 година, Буџаку вели дека институциите сега би се справиле подобро бидејќи имаат одредено претходно искуство.
„Ние како мала земја со ограничени ресурси, со помош и со поголемо институционално ангажирање на ЕУ, ние некако ќе се справиме, многу подобро од 2015 година, кога сите беа изненадени од таквиот наплив“, смета Буџаку.
- Проекти од меѓународен карактер -
Осврнувајќи се на проектите од регионален и меѓународен карактер, Буџаку информираше дека неодамна во ЦУК е одржан состанок на Заедничкото координативно тело на Проектот за Градење на капацитети за намалување на ризиците од катастрофи во областа на животната средина (ECO DRR) преку одржливо управување со шумите.
Како што рече тој, овој проект претставува продолжување на соработката со Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија- JICA, која се спроведува од 2009 година наваму, а посебни резултати се постигнати со имплементацијата на проектот во воведување на „Интегриран систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари”, во период од 2011 до 2014 година.
Буџаку истакна дека основната цел на овој проект е да се развие модел на Екосистемско намалување на ризиците од катастрофи (Eco-system based Disaster Risk Reduction - ECO-DRR) во Република Македонија против природни непогоди, преку употреба на повеќенаменската функција на шумите, односно зајакнување на нивната заштитна вредност.
Крајната цел на проектот е долгорочно да се намалат ризиците од поројни поплави, лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и шумските пожари.
Буџаку истакна дека ЦУК организирал работнилници на кои присуствувале претставници на релевантни институции за справување со кризи од земјите од регионот на кои претставниците на ЦУК, знаењата и искуствата што ги стекнале во наведениот проект им ги пренеле на колегите од регионот.
- „Благодарност до Турција на укажаната помош, соработката е секогаш добредојдена“ -
Директорот на ЦУК, во разговорот потсетува на укажаната помош на Република Турција за време на пожарите на територијата на Република Македонија, наведувајќи дека постојат бројни сфери од заеднички интерес на кои може да се работи, да се проширува и да се продлабочува соработката со оваа држава.
„Имаме воспоставено контакти, наследив ситуација на контакти и на државно ниво, имавме понуда и помош од Турција за време на пожарите, и би сакале да продолжиме со соработката. Имаме некои сигнали дека можеме и понатаму да соработуваме. Би сакал да нагласам дека би била многу добродојдена и подготвени сме за поинтензивна соработка со турските власти“, рече Буџаку во разговорот за АА.
news_share_descriptionsubscription_contact
