Admir Fazlagikj
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерство за здравство на Република Македонија и Центарот за управување со кризи (ЦУК) препорачуваат денеска и утре бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст да не доаѓаат на работа, односно да се ослободат од работни обврски со цел заштита на нивното здравје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа препорака има за цел да се заштити здравјето на овие категории лица и работници. Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и на хронично болните лица над 60-годишна возраст важат за целата територија на државата.
Надлежните институции, Министерството за здравство, Комисијата за превенција од студени бранови и Центарот за управување со кризи, препорачуваат работниците што работат на отворено да внимаваат и работните обврски да ги практикуваат од 10:00 до 16:00 часот, со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напивки, сè со цел заштита на нивното здравје.
Од Управата за Хидрометеоролшки работи информираат дека денеска времето ќе бидe променливо облачно и многу студено со сончеви периоди, и со услови за провејување на снег. Ќе дува умерен северен ветер.
Дневната температура ќе достигне до минус четири степени. Во Скопје ќе преовладува слично време со минимална температура од минус 16 степени, а максималната до минус 8 степени.
Преку ноќта кон вторник ќе има повремен снег претежно на југот од земјата, информираше УХМР.