СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (AA) - Годината која изминува, во земјите од регионот помина речиси како и претходната, проследена со политичка криза, одржување на предвремени парламентарни избори, редовни локални избори, граѓански протести, насилни настани во Собранието на Република Македонија, притвор на пратеници, разрешување на судски случаи ... Ова се само дел од поважните случувања во трите земји од регионот, Македонија, Албанија и Косово, кшто ја одбележаа 2017 година, кои Anadolu Agency (AA) ви ги пренесува по хронолошки редослед.
- Македонија -
Република Македонија во 2017 година влезе во фазата на разрешувањето на политичката криза. Во последниот месец од 2016 година се одржаа вонредните парламентарни избори кои требаше бидат разрешница на политичката криза. Но, тесниот изборен резултат придонесе политичките партии да имаат отежнати преговори околу коалициската влада, што предизвика истите да траат со месеци и да го отежнуваат, и онака веќе тешкото фукционирање на институциите.
Истовремено, додека се одвиваа преговорите помеѓу политичките партии, а државата ја посетуваа високи претставници на ЕУ и на САД кои водеа активни дипломатски активности за решавање на кризата, се одвиваа и протестите на граѓанските организации поради незадоволството од доцнењето со формирањето на владата.
Несомнено, настанот кој ја одбележа 2017 година во Република Македонија е упадот на демонстрантите на граѓанското здружение „За заедничка Македонија" во Собранието на Република Македонија, непосредно по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Демонстрантите во институцијата влегоа насилно, а како резултат на насилството на демонстрантите, беа повредени околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.
Неколку дена подоцна, односно на 4 мај 2017 година, е формирано парламентарното мнозинство, а на 17 мај претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, му го додели мандатот на Зоран Заев, претседателот на СДСМ, за формирање на новата влада во Македонија.
Освен интензивните настани во политичкиот живот, кој беше постојаниот фокус на јавноста, спортот оваа година беше актуелна тема во Македонија по неколку основи.
Шампионската титула на ракометниот клуб Вардар од Скопје ја донесе спортската радост во Македонија. На 6 јуни, илјадници граѓани се собраа на централниот градски плоштад во Скопје да ги дочекаат ракометарите на Вардар, по освоената титула во Европската лига на шампиони во Келн, Германија.
Во финалето на ракометната Лига на шампионите, го победи францускиот Пари Сен Жермен со 24:23, со што Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа континентален првак.
Летово, главниот град Скопје, беше домаќин на илјадници туристи од регионот и светот, љубители на фудбалот, коишто допатуваа во Македонија за да уживаат во Суперкупот во кој силите ги одмерија едни од најуспешните и најпознатите клубови во светскиот фудбал, шпанскиот Реал Мадрид и англискиот Манчестер Јунајтед. Спектакуларниот натпревар, на кој победи Реал Мадрид, се одигра во националната арена Филип Втори на 8 август.
Со завршувањето на летото и почетокот на есента, политичките настани повторно се вратија во фокусот на јавноста.
На 15 октомври се одржаа локалните избори во Република Македонија, на кои во повеќето општини победија кандидатите за градоначалници на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) на Република Македонија.
Случајот „Дива Населба“ од месец мај 2015 година, кој се однесува на настаните во Куманово предизвика голем интерес во јавноста, а во ноември беше соопштена пресудата на 37-мина обвинети лица. Беа доделени доживотни затворски казни, четири лица беа ослободени од обвинението, а останатите обвинети добија затворски казни од 12 до 40 години.
И во текот на оваа година се одржуваа бројни протести во Република Македонија. Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт поради одлуката на Кривичниот суд во Скопје објавена на 5 декември, за насилните настани во Собранието на Република Македонија од 27 април, одреди притвор за шест пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За настаните од 27 април се гонат 36 лица. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ негодувајќи за ваквите судски одлуки организираше протести, бараќи ослободување на лицата кои се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
На 10 декември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој беше на чело на оваа партија од 2003 година, поднесе неотповиклива оставка од претседателската функција, а на 16. Конгрес на оваа партија на 22 и 23 декември, за претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше избран Христијан Мицковски.
- Албанија -
И во Република Албанија годината започна со протести и политички турбуленции. На 18 февруари, опозицијата во Албанија, предводна од страна на Демократската партија на Албанија, започна протест во Тирана кој траеше три месеци, во шаторите поставени на булеварот „Загинатите херои на нацијата“, во албанскиот главен град, со барање за оставка на владата и формирање техничка влада за организирање парламентарни избори.
Поранешниот претседател на Собранието на Албанија и поранешен премиер на оваа земја, Илир Мета, на 28 април е избран за претседател на Албанија од страна на Собранието на Албанија, по неколку неуспешни гласачки кругови на парламентарните седници. Мета, кој го замени на оваа функција поранешниот претседател, Бујар Нишани, официјално го презеде петгодишниот мандат на 24 јули.
По реализираните преговори меѓу албанскиот премиер, а воедно и претседател на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, со лидерот на опозицијата и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша на 18 мај, беше официјализиран договорот Рама-Баша, кој предвидуваше одржување на парламентарните избори не на 18 јуни, туку на 25 јуни.
Џани Де Бјази го официјализираше своето повлекување од управувањето со фудбалската репрезентација на Албанија, додека на негово место на 14 јули дојде Кристијан Панучи.
По преговорите меѓу политичките лидери и постигнатиот договор, на 25 јуни во Албанија се одржаа парламентарни избори, за избор на 140 пратеници во албанскиот Парламент. Социјалистичката партија победи на изборите обезбедувајќи 70 пратенички места, додека Демократската партија освои 43 пратеници, партијата Социјалистичко движење за интеграција 19, партијата Правда, интеграција и единство 3, додека Социјалдемократската партија освои едно пратеничко место.
Во албанскиот град Драч, на 26 август се одржа неформалниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан, кој имаше за цел продлабочување на регионалната интеграција, особено на полето на економијата и трговијата.
На 9 септември оваа година, Грамоз Ручи беше избран за нов претседател на Собранието на Албанија. На 13 септември, Собранието на Албанија ја усвои новата програма и составот на Советот на министрите на Албанија. Премиерот Еди Рама ја доби довербата на пратениците за вториот владин мандат.
На 16 септември во Тирана се одржа состанокот на Воениот комитет на НАТО на кој учествуваа началниците на Генералштабовите на армиите на земјите-членки на Алијансата, каде што беше присутен и началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар.
Турскиот државјанин Мухамед Јасир Ајдогмуш, по кој е распишана меѓународна потерница, и се бараше од страна на турските власти поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, на 8 октомври беше приведен од страна на полицијата во Драч, кој потоа побара политички азил во Албанија.
Албанското Обвинителство за тешки кривични дела на 19 ноември побара од Собранието на Албанија овластување за укинување на имунитетот на пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Саимир Тахири, во рамките на истрагата за кривичното дело трговија со наркотици, а на 25 ноември Собранието го одби ова барање.
На 27 ноември, владите на Албанија и на Косово одржаа четврта заедничка седница во градот Корча, при што беа потпишани неколку договори и протоколи за соработка.
На 1 и 2 декември Албанија ја погоди невреме. Поројни дождови во неколку градови, предизвикаа поплави поради што илјадници лица беа евакуирани. На Албанија ѝ понудија помош неколку земји од регионот, како и организации и институции од Турција.
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, оствари посета на Албанија во рамките на церемонијата за доделување на наградата „Мехмет Акиф Ерсој“ за наука и уметност, во рамките на која турскиот министер Чавушоглу беше почестен со титулата „доктор онорис кауза“ од страна на универзитетот „Мехмет Акиф Ерсој“. На церемонијата беше присутен и претседателот на Албанија, Илир Мета.
На 15 декември владите на Република Албанија и на Република Македонија во градот Поградец ја одржаа првата заедничка седница на двете влади.
- Косово -
Годината во изминување Косово го одбележаа важни политички настани, меѓу кои се издвојуваат одржувањето на предвремените парламентарни избори, како и локалните избори.
Претседателот на партијата Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај (актуелен премиер на Косово), кој за време на војната во Косово беше еден од командантите на Ослободителната војска на Косово, на 4 јануари беше задржан од страна на француските власти, врз основа на меѓународната потерница на Србија од 2004 година. Ова предизвика бројни реакции и протести во Косово.
Рамуш Харадинај на 12 јануари беше условно пуштен на слобода од страна на француските власти, а процесот за негова екстрадиција во Србија не продолжи.
Со цел пуштањето на железничката линија на релација Белград - Митровица, на 14 јануари од Србија тргна воз на кој пишуваше „Косово е Србија“ и други националистички мотиви и обележја. Ваквиот потег на канцеларијата на Владата на Србија за Косово, косовската влада го оквалификува како голема провокација.
На 25 јануари се одржа состанокот меѓу државните делегации на Косово и Србија во Брисел, кој имаше за цел намалување на тензиите меѓу двете земји по провокацијата на Србија со возот и приведувањето на поранешниот премиер Рамуш Харадинај.
Во Брисел со покана на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, на 2 февруари се одржа вториот состанок на високо ниво меѓу делегацијата на Косово и Србија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 3 февруари го посети Косово.
На 4 февруари беше срушен нелегалниот ѕид кај реката Ибар, во рамките на договорот кој го постигнаа владата на Косово и српските политички претставници.
На 3 март Косово стана членка на Советот за царинска соработка и на Светската царинска организација.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, на 7 март го иницираше проектот за трансформирање на Безбедносните сили на Косово, кој предвидува промена на постоечкиот мандат на овие сили во војска на Косово. Тој го предаде овој нацрт-закон на претседателот на Собранието, Кадри Весели.
Турската фондација Маариф на 25 април ги започна нејзините активности во Косово, со потпишување на договор за соработка со колеџот „International American Academy of Kosovo“.
Апелациониот суд во францускиот град Колмар, на 27 април го ослободи Рамуш Харадинај.
На барање на опозицијата, Собранието на Косово на 10 мај го изгласа предлогот за недоверба на Владата, со што се создадоа услови за одржување на предвремени парламентарни избори.
На 11 јуни се одржаа предвремените парламентарни избори во Косово, на кои учествуваа 26 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции и две иницијативи, со вкупно 971 кандидати.
Централната изборна комисија на Косово, на 8 јули ги соопшти резултатите од предвремените парламентарни избори, според кои коалицијата ПАН (ПДК-ААК-НИСМА) освои 33,74 отсто од гласовите (39 пратеници), Движењето Самоопределување 27,39 отсто од гласовите (32 пратеници), коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива освои 25,53 отсто (29 пратеници), додека 20 пратеници се од другите партии.
Кадри Весели, претседател на Демократската партија на Косово ПДК, на 7 септември, со 62 гласа за, од вкупните 120 пратеници, беше избран за претседател на Собранието на Косово.
Рамуш Харадинај на 9 септември беше избран за премиер со 61 глас за и новата Влада на Косово беше формирана од страна на коалицијата меѓу Демократската партија на Косово (ПДК), Алијанса за иднината на Косово (ААК), Иницијатива за Косово (НИСМА), Алијансата Ново Косово (АКР) и Српската листа.
На 22 октомври се одржаа локалните избори во 38 општини во Косово. На изборите учествуваа 91 политички субјект, од кои една коалиција, 35 политички партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати. Тоа беа седмите локални избори во Косово.
Турскиот државјанин Угур Токсој, на 27 октомври беше приведен врз основа на барањето на турското Министерство за правда за кривичното дело „организирање и членување во терористичката група ФЕТО/ПЈД“. Нему му беше изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
На 4 ноември, Токсој беше ослободен со кауција од пет илјади евра поднесени до судот.
Основниот суд во Призрен, Одделот за сериозни кривични дела, на 24 ноември ја објави пресудата за петтемина обвинети за нападот врз конзулатот на Република Турција во Призрен, кои беа осудени со по една година затвор за предизвикување на општа опасност. Но, тие беа ослободени од обвинението загрозување на лица под меѓународна заштита.
Во Основниот суд во Приштина, на 15 декември заврши рочиштето за турскиот државјанин Угур Токсој, за кој обвинителот го повлече барањето за екстрадиција во Турција поради недостаток на релевантни докази.
news_share_descriptionsubscription_contact
