Ihvan Radoykov
13 Мај 2024•Ажурирај: 14 Мај 2024
СОФИЈА (АА) - Бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Димитар Главчев реагираа на изјавата на претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која одби да го користи уставното име на својата земја во полагањето на заклетвата за претседател на државата, известува Анадолу.
Радев и Главчев истовремено дадоа писмени изјави во врска со свечената заклетва што се одржа во македонскиот Парламент на 12 мај, на која новоименуваната претседателка Силјановска-Давкова наведе дека во иднина ќе го користи „само како Македонија“ името на својата земја.
Во писмените изјави на бугарските функционери се потсетува дека Северна Македонија покрај договорите со Европската унија (ЕУ), треба да остане лојална и на Договорот за пријателство, соседство и соработка потпишан со Бугарија во 2017 година.
Претседателот Радев во писменото соопштение го истакна следното:
„Би сакал да констатирам дека Република Бугарија не прифаќа однесување и изјави што се спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и на другите меѓународни договори потпишани од страна на Република Северна Македонија.“
Потсетувајќи дека „Северна Македонија е членка на НАТО, што со себе носи релевантни обврски и одговорности“, Радев истакна дека европската перспектива на Северна Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори на кои таа е страна.
Претседателот Радев во изјавата истакнува дека рамката на претходно утврдените преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија нема да се ревидира.
- Реакција на премиерот Главчев
Премиерот Главчев во својата изјава го даде следниот коментар:
„Во врска со церемонијата на давање заклетва на новиот претседател на Република Северна Македонија, Бугарија не прифаќа однесување и изјави што се во спротивност и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и со начелните договори меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија“.
„Веруваме дека европската перспектива на Република Северна Македонија во целост ќе зависи од сеопфатното спроведување на договорите прифатени од сите страни во јули 2022 година“, рече Главчев.
Новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на церемонијата на полагање заклетва на 12 мај најави дека во иднина ќе го користи името на својата земја „само како Македонија“.
Во изјавата за Бугарската национална телевизија (БНТ) по повод нејзината изборна победа, Силјановска-Давкова го критикуваше ветото на Бугарија за преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Бугарија очекува Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени во Уставот на земјата со „малцински статус“, што беше една од главните причини за нејзиното вето.
Силјановска-Давкова наведе дека прашањето за малцинскиот статус на Бугарите во нејзината земја не е меѓу критериумите за преговори со ЕУ.