Salih Baran
26 Февруари 2017•Ажурирај: 27 Февруари 2017
ЈАМБОЛ (АА) - Во период кога низ светот се одржуваат голем број маскембали и фестивали, илјадници учесници на традиционалниот фестивал Kукерландија во бугарскиот град Јамбол со маски и забава ги бркаа злите сили и зимата, а ги повикуваа добрината и пролетта, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за фестивал кој во Јамбол, на брегот на реката Тунџа, се одржува со векови и кој претставува важен настан во календарот на туристичката понуда на Тракија.
Учесниците, насобрани во централниот градски парк, облечени во шарени костими и маски тргнаа во поворка низ градот за да го прослават заминувањето на зимата и со звонење ја повикуваа пролетта и заживувањето на природата.
Фестивалот оваа година собра голем број учесници од соседните земји - Турција, Македонија, Романија и Грција.
Слични фестивали овие денови се одржуваат и во многу други земји, но секој на специфичен начин ја оживува вековната традиција и обичаите на своето родно место.