Husameddin Gina
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија информираше дека на редовна владина седница е донесена одлука со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова денеска на редовната конференција за медиумите го соопшти портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски.
Како првични средства за оваа намена во Буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постоечките потенцијали од донаторската заедница.
Аерозагадувањето е еден од поголемите проблеми во Скопје во последните неколку години. Граѓанските здруженија во изминатиот период одржаа неколку протести на кои бараа од релевантните институции во државата да изнајдат начин за справување со проблемот со аерозагадувањето, не само во Скопје, туку и во неколку други поголеми градови во земјата.
- Максимален буџет од 3,7 милијарди евра во 2019 година
Меѓу другото, портпаролот Бошњковски денеска соопшти дека за следната година е планиран максимален буџет од 3,7 милијарди евра.
Со предлогот на Министерството за финансии, предвидено е вкупните приходи во државната каса за 2019 година да изнесуваат 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи, 228,5 милијарди денари.
Растот на БДП е проектиран на 3,2 процента, а стапката на инфлација на 2 процента. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари, што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.