Adel Omeragic
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
БУДВА (АА) - Државите во регионот, во текот на последната година не бележат заминувања на борци на странските боишта на Блискиот Исток, како што беше случај со поранешните години, но со целосно внимание ги следат сите движења на своите државјани кога е во прашање овој феномен, порачаа денес во Будва министрите за внатрешни работи на земјите во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Будва се одржува собир за спротиставување на разните облици на есктремизмот, а министрите за внатрешни работи денес ги соопштија податоците за заминувањата на нивните државјани на странските боишта.
Меѓу учесниците на овој регионален собир е и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски.
„Балканските земји, меѓу кои и Република Македонија, пред сé поради геостратешката положба и специфичните етнички, социјални и политички карактеристики, претставуваат погоден терен за стационирање и егзистирање на екстремни и радикални поединци и групи. Независно од нивната политичка, идеолошка или религиозна заднина, присуството на екстремни поединци и групи и ширењето на радикални ставови, идеи и заложби во регионот упатуваат на реална опасност од вршење акти на насилство со елементи на тероризам“, рече Спасовски, објави Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Тој истакна дека приоритетен национален безбедносен интерес е изнаоѓање најадекватни начини и средства за нивно спротивставување, користејќи ги инструментите кои се на располагање на современите држави.
Учесниците на собирот соопштија дека од Црна Гора моментално се наоѓаат двајца државјани на странските боишта, додека од БиХ загинаа 50 борци, а 60 од нив се вратија во родната земја.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Мевлудин Нухоџиќ, изјави дека со темата за заминувањето на борците на странските боишта постојано се во тек.
„Тоа е тема која нам ни е многу важна. Еве, тука е националниот координатор, мислам дека од Црна Гора се двајца учесници. Од 2017 година немавме ниту едно заминување на странските боишта. Ова е појава која во Црна Гора, за разлика од другите земји, е во помал интензитет, но нам тоа никако не нѐ успива. Нашите служби и агенции се под потполно внимание, кога е во прашање овој феномен. Ние имаме квалитетна законска регулатива која ги санкционира овие дејствувања“, изјави Нухоџиќ.
Од друга страна, министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, истакна дека на странските боишта од БиХ биле вкупно 500 државјани, но и лица кои се со потекло од БиХ, но на тие боишта не отишле директно од БиХ.
„Некаде околу 50 од нив загинале, 60 се вратиле во БиХ, но сега се во фаза на процесуирање, некои издржуваат казни. Тоа го велам како вкупен број на луѓе со членови на семејството, со жени и деца. Тоа е вкупниот број граѓани на БиХ кои се наоѓаат под контрола на ДЕАШ“, изјави Мектиќ.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Албанија, Бесфор Ламалари, истакна дека на странските боишта биле околу 140 државјани на оваа земја, но дека во последната година нема заминувања.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа, истакна дека поради тероризам, од оваа земја 67 лица се казнети поради тероризам.