Besar Ademi
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Во врска со барањето за азил во Унгарија на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека ова е правно, а не политичко прашање, и дека ќе се очекуваат резултатите на надлежните унгарски власти, јавува Anadolu Agency (АА).
Шефот на унгарската дипломатија престојува во еднодневна официјална посета на Косово. По состанокот со својот косовски колега Беџет Пацоли, Сијарто, исто така зборуваше за барањето за азил на поранешниот премиер Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, а во Македонија е осуден на затворска казна од две години во случајот „Тенк“.
„Можам само да ви кажам една работа. Тоа е правно, а не политичко прашање. Надлежните органи, односно органот за миграција, ќе изготви постапки врз основа на меѓународното право и да ги видиме резултатите и за тоа“, одговори Сијарто на прашањето дали унгарските власти ќе го прифатат барањето за азил.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.