Aldijana Hadzic
10 Јули 2022•Ажурирај: 11 Јули 2022
ПОТОЧАРИ (АА) - Во рамките на одбележувањето на 27-годишнината од геноцидот во Сребреница, утринава во Поточари е реализиран меморијален лет на гулаби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еколошкото друштво за одгледување и заштита на ситни животни од Сараево и оваа година со меморијален лет учествува во одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница. Во меморијалниот лет од Поточари до Сараево пуштени се 600 гулаби.
Утре, со колективен погреб на посмртните останки во нивниот вечен дом ќе бидат испратени 50 жртви на геноцидот. Ковчезите пристигнаа во Поточари во петокот, кога семејствата и граѓаните во солзи се простија од своите најмили.
Најмладата жртва што оваа година ќе биде погребана е Салим Мустафиќ, роден 1979 година во Токољаци кај Сребреница. Имаше 16 години кога беше убиен во летото 1995 година. Неговите посмртни останки се ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2006 година.
Освен Салим, годинава ќе бидат погребани уште двајца малолетници кои во моментот на смртта имале само 17 години, Вахид Смајловиќ (1978) и Елвир Муминовиќ (1978).
Најстарата жртва која годинава ќе биде погребана е Хусејин Крџиќ, роден 1936 година.
Утре ќе бидат погребани и близнаците Хасановиќ. Семир и Самир, кои имале само 20 години кога се ликвидирани. Родени се во 1975 година во Прохичи кај Сребреница. Нивните посмртни останки беа ексхумирани од различни масовни гробници откриени на локалитетите Липље и Каменица.
Оваа година заедно ќе бидат погребани и таткото и синот Хајдин и Сеад Хукиќ. Хајдин Хукиќ во моментот на смртта имал 53 години, додека неговиот син имал само 21 година кога е убиен.
Сите жртви кои ќе бидат погребани оваа година, со исклучок на деветте жртви кои се ексхумирани од масовната гробница на локалитетот Добро Поље кај Калиновик, откриена во јуни 2021 година, се ексхумирани од масовните гробници откриени во текот на претходните години, некои од нив дури и 1997 и 1999 година, како Липље, Пилица, потоа од гробниците откриени во 2001, 2004, 2006 и 2011 година.
Одреден број жртви се ексхумирани од масовните гробници што се откриени во Каменица, долината на смртта, во текот на 2001, 2007 и 2008 година. Посмртните останки на некои жртви се пронајдени во две, па дури и во три различни масовни гробници.
На гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница – Поточари досега се погребани 6.671 жртва на геноцидот извршен од тогашната Војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ извршен против Бошњаците во 1995 година во Сребреница.