Балкан

БиХ: Децата родени како последица на војната претрпуваат стигма и дискриминација

„Војната уништи многу семејства. Убиени се деца, татковци, синови, ќерки, мајки... Силувани се илјадници жени и девојчиња. Како последица на тие случувања денес многу деца се без родители, многу родители без деца...“

Vesna Besic  | 24.11.2021 - Обновена : 25.11.2021
БиХ: Децата родени како последица на војната претрпуваат стигма и дискриминација Фото: Nihad Ibrahimkadic/AA

САРАЕВО (АА) - Децата родени поради војната трпат голема стигма и дискриминација, порачано е од конференцијата „Видливост на децата родени како последица на војната“, која започна денеска во Сараево, по повод 25 Ноември, Меѓународниот ден на борбата против насилството над жените, јавува Агенција Анадолија (АА).

На конференцијата која трае до 26 ноември, ќе присуствуваат претставници на граѓанскиот сектор, претставници на властите од ентитетските и државните структури, министерства и институции на Омбудсманот во БиХ.

Конференцијата има за цел, во соработка со сродните организации во БиХ и со другите актери, да обезбеди учество на преживеаните жени и родените деца поради војната во процесите на изработка на стратегии, политики и процеси кои влијаат на нивниот статус, со што би се придонело во подобрување на положбата на жените и еднаквоста на преживеаните и родените деца поради војната во босанско-херцеговското општество и глобално.

Денеска е порачано, со цел правно и социјално препознавање и почитување на децата родени поради војната, низ активизам, јавни застапувања, истражувања, вмрежувања и уметност, да придонесуваме за елиминација на стигмата и дискриминацијата на оваа социјална категорија.

Најавена е и работата на меѓународната мрежа за застапување по пат кој ќе дели искуства и знаења за сите други држави кои се соочуваат со правна и социјална невидливост на децата родени како последица на силување во војната.

„Невидливите деца на војната“, „заборавените деца на војната“ -- така ги нарекуваат децата кои се родени во текот на воените случувања во 1990-тите години во БиХ. Војната уништи многу семејства. Убиени се деца, татковци, синови, ќерки, мајки... Силувани се илјадници жени и девојчиња. Како последица на тие случувања денес многу деца се без родители, многу родители без деца, но и илјадници деца се родени откако нивните мајки биле силувани во текот на војната во БиХ.

Ајна Јусиќ е една од тие деца. Родена е во септември 1993 година во безбедната куќа „Медика“ во Зеница. Родена е како жртва на силување на нејзината мајка во текот на војната во БиХ. Нејзината мајка тогаш имала 22 години.

„Може да изнесеме неколку факти. Во БиХ, според податоците, 20.000 до 50.000 жени, девојчиња и мажи, преживеале воено силување. Според податоците од 2021 година, во овие 27 години препознаени се 2.787 силувачи. Овој податок е поразителен бидејќи нашата држава не обезбедила соодветни механизми тие луѓе да се процесуираат, за што сведочи и податокот дека само 48 проценти од силувачите се осудени и моментално извршуваат каков било вид на казна“, изјави Јусиќ, која денес е претседателка на Здружението „Заборавените деца на војната“.

Таа потсети дека казната за силување, воено силување, во БиХ е од пет до десет години.

„Повторно нагласуваме дека тоа се катастрофални казни. Мораме да го уредиме правосудниот дел на системот, за жените да добијат право на некоја правда. Мислиме дека правосилната судска пресуда е еден вид на мир кој можеме да го обезбедиме како држава“, рече Јусиќ.

Зборувајќи за Здружението „Заборавените деца на војната“, истакна дека тоа сѐ уште се движи со околу истиот број на членови, околу 50.

„Тешко е да се најдат нови членови. Повторно се враќаме на мојата приказна бидејќи јас самата ја дознав вистината за мене. Голем дел од мајките сѐ уште се обвиткани со ланецот на тишината, сѐ уште не се спремни на децата да им ја соопштат вистината“, нагласи Јусиќ.

Меѓународната мрежа за застапување ја смета за особено важен чекор бидејќи низ своите активности успеала да собере околу 35 деца родени како последица на военото силување во Уганда.

„Основната цел на оваа мрежа е заедно со децата родени поради војната и жените кои го преживеале силувањето, да застапуваме политики кои овозможуваат препознатливост и рамноправност на децата родени поради војната. Во поголем дел ќе се осврнеме на процесите на транзициската правда бидејќи тоа е нешто што континуирано се нагласува во БиХ. Сакаме да истакнеме дека процесот на транзициска правда, кој вклучува вистина, помирување и одговорност, не може да биде затворен и завршен додека соодветно не ги признаат децата родени како последица на военото силување. Ние сме директен продукт на војната. Ние сме, за жал, последица на таа војна“, порача Јусиќ.

Како што рече, доколку БиХ до крајот на оваа година правно ги препознае децата родени како последица на военото силување, тоа ќе ја направи државата прва во светот.

„Главни проблеми на децата родени поради војната е фактот што не може да се воспостави еднаква регистрација на податоците, колку нѐ има. Децата родени поради војната трпат голема стигма и дискриминација“, појасни Јусиќ.

Мирна Омерчаушевиќ, програмската менаџерка на Здружението „Заборавените деца на војната“, изјави дека конференцијата која почнала денеска во Сараево, има за цел, во соработка со сродните организации во БиХ и други актери, да обезбеди учество на преживеаните деца и децата родени поради војната, во процесите на изградба на политика, процесите и стратегиите кои директно влијаат на нивниот статус.

Како што рече, сѐ со цел подобрување на положбата на преживеаните жени и еднаквост на децата родени поради војната, како во БиХ, така и глобално.

„Со цел правно и социјално препознавање и почит на децата родени поради војната низ активизам, јавни застапувања, вмрежувања, истражувања и уметност, придонесуваме за елиминација на стигмата и дискриминацијата на оваа социјална категорија. Сакаме солидарно и инклузивно општество без насилство, во кое се почитува владеењето на правото“, порача Омерчаушевиќ.

Како што рече, конференцијата ќе трае од 24 до 26 ноември, а првиот ден учесниците ќе имаат можност да ја посетат изложбата „Брејкинг фри“, но и да ја слушнат панел-дискусијата под наслов „Правна препознатливост на децата родени поради војната“.

„На конференцијата особено ќе се разговара за влијанието кое насилството го остава на жените, децата и заедницата во целина, проблемот со непријавувањето на насилството, како и важноста на податоците за донесувањето на акциони планови од страна на државата за борба против родово заснованото насилство“, појасни Омерчаушевиќ.

Таа истакна дека во текот на програмата на конференцијата ќе се зборува за клучните приоритети и потреби на децата родени како последица на военото силување.

„Ќе се истакнат предизвиците со кои секојдневно се соочуваат и облиците на поддршка кои им се потребни. Секако, гледајќи од агол на децата родени од сексуално насилство, измените на правната и административна практика се задолжителна тема на конференцијата“, изјави Омерчаушевиќ.

Според нејзините зборови, за конференцијата да биде целосна, и во согласност со важните процеси на транзициската правда, задолжително ќе се занимаваат и со прашањето на улогите на младите во борба против стигмата на сексуалното насилство.

Омерчаушевиќ рече дека уметноста во улога на соочување со минатото е од голема важност и поради тоа, уметноста е уште еден тематски фокус на конференцијата.

Таа најави предавање на темата за споменикот „Зошто те нема“, посветен на жртвите на геноцидот извршен во Сребреница во јули 1995 година.

Основачката на проектот, уметницата Аида Шеховиќ, во соработка со босанско-херцеговската дијаспора, го претставува овој споменик на градските плоштади низ светот, со цел заедничко создавање на места за сеќавање.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.