Bedrudin Brljavac
28 Август 2023•Ажурирај: 30 Август 2023
САРАЕВО (АА) – Голем број граѓани, роднини, пријатели и официјални претставници на Сараево и Босна и Херцеговина со положување цвеќиња, со едноминутно молчење и рецитирање на Фатиха се потсетија на сараевчаните што на денешен ден 1995 година беа убиени на влезот на градскиот пазар Маркале, јавува Анадолу.
Присутните се потсетија на ужасниот масакр во Маркале, во кој загинаа 43 сараевчани, додека 84 беа полесно и тешко ранети.
Минофрлачка граната истрелана од правец на Требевиќ експлодира во близина на северниот влез на сараевскиот градски пазар. На денешен ден пред 28 години српските воени, полициски и паравоени формации извршија уште едно во низата ужасни злосторства во војната во Босна и Херцеговина од 1992 година до потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во ноември 1995 година.
Денес по овој повод беа положени цвеќиња и беа прочитани имињата на смртно настраданите сараевчани.
Роднините на Јасмина Хоџиќ, која загина во масакрот кај Маркале, изјавија дека тогаш девојката имала 32 години и дека тие денови планирала да се омажи.
„Два дена пред тоа добивме писмо од неа дека се мажи и дека треба да купи некои работи. Отиде во градот да купи нешто за свадбата и се случи тоа. Родителите ја имаа само неа, тоа е голема трагедија. Дури и сега во нејзината соба сѐ уште стојат некои нејзини работи. Тешко е да се зборува за тоа“, рекоа роднините на Јасмина, Захид и Хасрета Хоџиќ.
Цивилната жртва на војната, Шефика Скорупан, изјави дека е многу важно младите генерации да знаат што се случило за време на опсадата на Сараево и агресијата врз Босна и Херцеговина.
„За ова треба секојдневно да ги потсетуваме младите за да не му се повтори никому. Страдањето во Маркале е голема тага. Многумина повеќе не се меѓу нас и не ја дочекаа правдата. Ова е срам за светот“, рече Скорупан.
Претседателот на Собранието на кантонот Сараево, Елведин Окериќ, во своето обраќање рече дека граѓаните на главниот град на БиХ за време на опсадата постојано биле цел на напади.
„Ова не беше првпат граѓаните на Сараево, обидувајќи се само да преживеат, да бидат убивани и тоа не беше случајно. Тоа го видовме и во редиците за вода, за леб“, рече Окериќ и додаде:
„Без оглед на минатото, нашата иднина мора да се гради на рамноправност на сите народи и граѓани. Мора да бидеме истрајни на идеите на кои Босна и Херцеговина може и мора да опстане, а тоа се идеите за соживот, заемно почитување и толеранција. Но за да биде тоа така, правдата мора да биде задоволена и сторителите на овие страшни злосторства мора да бидат казнети.“
Една и пол година претходно, на 5 февруари 1994 година, граната падна и врз Маркале од српските позиции околу тогаш опколеното Сараево, при што загинаа 68, а беа ранети 144 лица.