Furkan Abdula
22 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија -Туркије (МАТТО), во рамки на кампањата насловена „Споделувањето ја намалува болката“ за собирање донации за погодените од земјотресите во Туркије досега испрати 28 шлепери со помош од различни средства, како и парични средства од 250.000 евра, пренесува Анадолу.
Според соопштението на МАТТО, паричните средства од 250.000 евра собрани од страна на МАТТО и неговите членки, се префрлени на жиро-сметката на Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби на Туркије (АФАД) преку „Халкбанк“ - Скопје.
Исто така, во рамки на кампањата која продолжува, 28 шлепери кои содржат различна помош, како вода, облека, ќебиња, средства за хигиена, храна за деца и друго, се доставени до АФАД.
Меѓу другото, Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), во рамки на кампањата насловена „Стоиме покрај Туркије“ досега собра донации од околу 92.000 евра.
МАТУСИТЕБ преку објава на социјалните мрежи потврди дека во рамки на оваа кампања која сѐ уште продолжува, заклучно со 17 февруари се собрани 92.079 евра за погодените од земјотресите во Туркије.