Zülfiya Yakup
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во текот на 2016 година, Косово доби донации во вредност од 164 милиони евра, беше кажано на денешниот состанок на Форумот на високо ниво, организиран од страна на Министерството за европски интеграции, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот, покрај премиерот Рамуш Харадинај и министерот на Владата на Косово, присуствуваа и шефицата на Канцеларијата на ЕУ на Косово, Наталија Апостолова, амбасадорот на САД, Грег Делави и голем број други дипломати акредитирани во Косово. Премиерот Харадинај изрази благодарност за поддршката и за донациите. Тој нагласи дека во изминатите две децении од воените разорувања во Косово, цело време стигнувале големи донации, и дека денешно Косово е такво благодарение на заедничката работа на Косово, ЕУ, САД и многу други поединечни земји. Харадинај изјави дека народот на Косово и Владата на Косово се свесни оти со донациите не се добиваат само пари, туку и обврки да се изгради демократско Косово, кое ги почитува своите граѓани и е одговорно.
„Владата на Косово пред себе има многу предизвици, но само со заедничка работа, сите тие инвестиции и донации ќе дадат конечен резултат. Косово ќе биде вистиски партнер и ќе ја зголеми својата одговорност во управувањето со јавните пари и донациите, со посебен акцент на борбата против корупцијата“, порача премиерот.
Наталија Апостолова, шефицата на Канцеларијата на ЕУ на Косово, изјави дека Косово е млада демократија, која ЕУ продолжува да ја поддржува на нејзиниот пат кон Унијата.
„Работиме во Косово на економски реформи и на примената на закони за да се дојде до политичка стабилност“, изјави Апостолова, и истакна дека дошло време Косово од нејзината канцеларија да го преземе управувањето со донациите, и оти приоритет треба да биде правосудниот сектор, поточно измената на Кривичниот законик, како и усвојувањето на Законот против судир на интересите, Законот за државното обвинителство и Законот за судска одговорност.
Истовремено, Грег Делави, амбасадор на САД, истакна дека пред Косово се два приоритета - унапредување на владеењето на правото и на образованието. Тој изјави дека дошло време да се усвои Законот за дисциплионскиот обвинител, бидејќи тоа би помогнало во контролирањето на власта, како и за транспарентност и одговорност во правосудството на Косово.
Министерката за европски интеграции, Дурата Хоџа, претставувајќи го Годишниот извештај за координација на донациите во 2016 година, истакна дека донациите во вредност од 164 милиони евра ќе бидат доделени во вид на помош. Меѓу најголемите донатори и понатаму се, како што истакна Хоџа, Европската Унија, САД, Швајцарија и Германија, додека најмногу пари се наменети за управување со цивилното општество, поточно 57 милиони, потоа за образование 17,6 милиони, управување со водите и управување со отпадните води 14 милиони, вложување во подобрување на инфраструктурата, 10 милиони, и поддршка на претпријатијата, 9,5 милиони евра.