ПРИШТИНА (АА)
Припадниците на Косовските безбедносни сили, кои учествуваа во потрагата и спасувањето во Туркије, горди се што имале можност да помогнат на настраданите во разорниот земјотрес, јавува Анадолу.
Командантот на контингентот на Косовските безбедносни сили (КБС), Егзон Сила и медицинската сестра на медицинската единица на КБС, Резарта Мулоли, во интервју за Анадолу нагласуваат дека се вратиле горди, но со болка за жртвите, повредените и исчезнатите.
Медицинската сестра Мулоли вели дека кога отишле во Туркије, во ниту еден момент не размислувале за опасностите со кои би можеле да се соочат таму, и се вратиле со чувство на голема гордост што можеле да помогнат, како и со големо сочувство за жртвите и сите повредени, исчезнати и за урбаните разорувања.
„Медицинската екипа на КБС помагаше на повредените во земјотресот и преживеаните кои се извлечени од урнатините, а беше и поддршка на косовските војници“, вели Мулоли. Таа нагласува оти не верува дека некогаш повеќе ќе има можност да почувствува поголема гордост од моментот на спасување животи на луѓето во Туркије.
„Особено кога беше извлечено двегодишното девојче, имајќи предвид дека толку мало суштество преживеа рушење на петкатница, да бидат пет ката над неговото тело и да се спаси како што беше спасено, беше најубавото чувство и поради начинот на кој нѐ гледаше, сите членови соодветно. Тоа е едноставно чувство на гордост, чувство на неописливи емоции кои не можат да се опишат со зборови. Во тој момент почувствував дека не може да има никој посилен од мене, бидејќи погледот на тоа девојче ми даде сила и реков дека дефинитивно ќе продолжам што подолго“, истакна Мулоли.
Командантот на контингентот на КСБ, капетанот Егзон Сила, наведува дека ситуацијата кога пристигнале во Хатај била многу тешка, со уништени и небезбедни објекти.
Сила за Анадолу објасни и како била извршена операцијата во која девојчето и неговата мајка биле спасени. Најпрво со специјализирани средства за пребарување добиле гласовни сигнали од живи луѓе под урнатините и забележале дека се работи за женски и детски глас, а потоа откриле дека се работи за мајка со дете во рацете.
„По десет часа работа успеавме прво да го извлечеме девојчето, што беше и молба на мајката, која ни рече прво да го извлечеме девојчето бидејќи не размислуваше за себе. Откако успеавме да го извлечеме живо, секако, продолживме и ја извлековме и мајката на девојчето. Тоа беше неопислив момент и посебно чувство“, изјави Сила.
Тој додава дека им биле потребни околу два часа за да ги извлечат девојчето и неговата мајка од урнатините. Сила вели дека во следните денови успеале да извлечат маж на возраст од околу 50 години и девојче на возраст од 13 години. Капетанот Сила, исто така, верува дека тимот на КБС добил уште поголема волја за работа откако спасил живи луѓе од урнатините.

На Сила, кој дипломирал на Копнената воена академија во Туркије и поминал друга обука во таа земја, неговото познавање на турскиот јазик му помогнало подобро да се координира со турските власти во операцијата за пребарување и спасување. Тој високо ја цени соработката со турските власти, кои секогаш беа подготвени да одговорат на барањата на косовските спасувачи.
Егзон Сила денеска на свечена церемонија, во име на Косовските безбедносни сили го прими претседателскиот воен медал од претседателката на Косово, Вјоса Османи, како признание за нивните неуморни напори и посветеност да им служат на граѓаните, без разлика на припадноста.
Контингент од 39 припадници на Косовските безбедносни сили, кои учествуваа во потрагата и спасувањето по разорниот земјотрес од 6 февруари, се вратија од Туркије на 20 февруари, а на аеродромот беа пречекани од премиерот Албин Курти, кој, исто така, им подари медали.
Тимот на КБС вклучуваше специјалисти за урбано пребарување и спасување, како и тимови за итна медицинска помош и единица за кучиња трагачи.
Покрај косовските војници, во Туркије за пружање помош на турските власти имаше и тим од шест члена на Здружението за пребарување и спасување на Косово, кој се врати минатата недела.
news_share_descriptionsubscription_contact
