Gorana Jakovljevic
15 Мај 2023•Ажурирај: 16 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Во детската клиника во Тиршова во Белград утрово почина девојчето што беше тешко повредено во масовното пукање во ОУ „Владислав Рибникар“ на 3 мај, потврди за српските медиуми Министерството за здравство на Србија, пренесува Анадолу.
Девојчето, кое беше тешко повредено и најтежок пациент по масовното пукање во ОУ „Владислав Рибникар“, е десетта жртва на пукотницата што се случи на 3 мај.
Како што е соопштено од Министерството за здравство на Србија, пациентката што со тешки повреди на главата опасни по живот била згрижена во Универзитетската детска клиника во Тиршова, почина утринава и покрај итната хируршка интервенција и сите преземени мерки за интензивно лекување.
Министерката за здравство Даница Грујичиќ во свое име и во името на Министерството за здравство изрази искрено сочувство до семејството на починатото девојче.
Во масовното пукање во училиштето во Врачар, кое се случи на 3 мај, тринаесетгодишно момче, седмоодделенец од тоа училиште, со истрели од огнено оружје застрела осум ученици и чувар во училиштето, додека наставничка и шест ученици се ранети, меѓу кои беше и девојчето што почина утринава.