САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, и членовите на Претседателството, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ, денес во Сараево се состанаа со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, со кого разговараа за билатералните односи меѓу двете земји, како и за отворањето амбасади во Сараево и Тирана, регионалната соработка, економските односи и членството во Европската Унија, јавува Анадолу.
Беќировиќ им се заблагодари на своите пријатели од Република Албанија за помошта на Босна и Херцеговина во претходните години и децении, особено за помошта по поплавите што неодамна ја погодија Босна и Херцеговина, како и за поддршката за усвојување на Резолуцијата за геноцид во Сребреница.
„Претседателот на Република Албанија одлучи неговата прва посета на регионот да биде во Босна и Херцеговина. Мислам дека ова е важна и добра порака која дополнително ги зближува нашите две земји. Многу е важно денес јасно да кажеме дека за Босна и Херцеговина, кога станува збор за регионот, Албанија е стратешки сојузник и пријател“, рече Беќировиќ.
Тој потсети дека билатералните односи меѓу БиХ и Албанија постојат од 1992 година, кога се воспоставени целосни дипломатски односи и оттогаш ги зајакнуваат севкупните односи.
- Авиолинија Тирана – Сараево -
„Многу важен фактор што ќе ги зајакне односите меѓу Босна и Херцеговина и Албанија е фактот што пред неколку години Претседателството на Босна и Херцеговина донесе одлука за отворање амбасада во Тирана. Отворањето амбасада на Албанија во Сараево и обратно, амбасада на Босна и Херцеговина во Тирана, сосема сигурно ќе ја зајакне и дипломатската и секоја друга комуникација меѓу нашите земји“, рече тој.
Тој истакна дека разговарале за потребата од интензивирање на потезите кои придонесуваат за подобра комуникациска врска меѓу Босна и Херцеговина и Албанија.
„Во оваа смисла и на овој состанок реков дека е многу важно државните органи на БиХ и Албанија да се интензивираат заедно со нашите пријатели од Црна Гора да се создаде модерна комуникација на релација Сараево – Подгорица – Тирана“, рече Беќировиќ.
Се разговараше и за директна авиолинија на релација Сараево – Тирана, која е важна за поврзување на бизнисмените, за поголема размена во сите области и за подобро пристигнување на туристите.
Беќировиќ рече дека стратешките надворешнополитички цели на Босна и Херцеговина и Албанија се речиси идентични, а беше истакнато и дека просторот за економска соработка е огромен и дека во наредниот период е неопходно да се продолжат постоечките трендови од последните три години.
- Развивање на односите во регионот -
Членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, истакна дека разговарале за подобрување на билатералните односи, наведувајќи дека постои можност за развој на добра соработка меѓу универзитетите, стопанските комори и туристичките организации, каде што ефектите може да се видат брзо.
„Допрва ќе треба да почекаме за влез во ЕУ, но затоа е поважно да ги развиваме нашите односи на регионално ниво и да ги елиминираме сите недоследности што постојат“, изјави Цвијановиќ.
Членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, изјави дека политичките односи меѓу БиХ и Албанија се одлични, но дека не се придружени со развиени економски односи, на кои двете земји треба да работат.
„Ѝ посакуваме секаков успех на Република Албанија на европскиот пат, мислиме дека секој ваш успех е многу добар сигнал и за Босна и Херцеговина, како што го посакуваме тоа, се разбира, и на Северна Македонија и Црна Гора, бидејќи тие во овие етапи се подалеку од Босна и Херцеговина. Искуството на вашата и на другите земји што ги споменав во тој контекст може да биде многу драгоцено за Босна и Херцеговина“, рече Комшиќ.
- Заедничка иднина во ЕУ -
Бегај, по средбата со членовите на Претседателството на БиХ, рече дека двете земји уживаат традиционално пријателски односи.
Тој посочи дека во Албанија одамна живее бошњачко малцинство, исто како што во БиХ живее добро интегрирана и почитувана албанска заедница, која се состои од работници, занаетчии, трговци, адвокати, уметници, лекари, војници, инженери, фармацевти, новинари и многу деловни луѓе.
„Во Албанија бошњачката заедница е призната како малцинство, кое ужива јазични, културни и верски права“, рече Бегај и додаде:
„Среќен сум што мојата посета на Сараево се одвива додека разговараме за повторно отворање на амбасадите во нашите престолнини. Го ценам фактот што тоа ќе се случи во двете земји и на координиран начин. Уверен сум дека овој чекор, иако задоцнето, ќе доведе до подобрување на контактите меѓу граѓаните на нашите земји“.
Тој оцени дека двете земји споделуваат заедничко регионално минато, а се стремат кон заедничка иднина во рамките на Европската Унија, која, како што рече, е единствената алтернатива за подобар живот на граѓаните на Босна и Херцеговина и Албанија. Албанскиот претседател укажа и на важноста од воспоставување на авиолинија меѓу Сараево и Тирана и подобрување на патната инфраструктура, вклучително и Јадранско-Јонскиот автопат.