Alma Dekovic
22 Октомври 2024•Ажурирај: 22 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Прашањето за признавање на Косово, односно укинувањето на визите за граѓаните на Косово и на Босна и Херцеговина, беше во фокусот на денешната прес-конференција на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на Сараево, јавува Анадолу.
Иако делегациите на двете земји на средбата главно разговараа за билатералните односи и евроинтеграциите, на прес-конференцијата претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, членовите на Претседателството, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, како и албанскиот претседател, Бајрам Бегај, се осврнаа на прашањето за Косово, кое не постои во консензусот на БиХ.
Претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, рече дека „многу важна порака кога станува збор за регионалната соработка“ дошла од Владата и премиерот на Косово, Албин Курти, кого го нарече „голем пријател“.
„Тој донесе еднострана одлука, а тоа е укинување на визниот режим за граѓаните на Босна и Херцеговина. Еден потег кој е навистина невообичаен во нашиот регион, но е многу важна порака. Очекувам дека по овој државнички потег на г. Курти, и во Босна и Херцеговина, кога станува збор за претставниците во државните институции кои доаѓаат од ентитетот Република Српска, дека и тие ќе ни помогнат да направиме адекватен потег и целосно да ги спроведеме договорите што Босна и Херцеговина ги потпиша како дел од Берлинскиот процес. Мислам дека тоа е важно за цела Босна и Херцеговина, за целиот регион и дека со тоа ќе испратиме уште една важна порака“, изјави Беќировиќ.
Зборувајќи за спроведувањето на Берлинскиот договор, членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, рече дека е важно да се функционира во регионот врз основа на четирите слободи утврдени во принципите на Европската Унија: слобода на движење на луѓе, стоки, услуги и капитал.
„Очигледно денес имаме проблеми кога станува збор за слободата на движење на стоки, со оглед на неможноста да се пласираат стоки или да се префрлат стоки од Србија во Косово. Има одредени пречки на патот на движење со безвизниот режим“, изјави Цвијановиќ.
Taa го прозва претседателот на Претседателството, Денис Беќировиќ, кој во својот говор го спомена премиерот на Косово, Албин Курти, и изјави дека тој е негов „голем пријател“.
„Не сакам овде да кажам кој би бил мој пријател или најдобар пријател во регионот, но секако би можела, но мислам дека треба да ги гледаме работите на начин на кој можеме заедно да ги решиме и што можеме да направиме за подобро да се разбираме. Мислам дека посетата на претседателот Бегај служи за тоа да можеме да ги претставиме нашите пречки, но и да ја покажеме нашата решителност и заедно да ја постигнеме целта“, рече Цвијановиќ, додавајќи дека прашањата треба да се решаваат со дијалог и соработка.
Членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, смета дека прашањето за безвизниот режим, односно укинувањето на визите за граѓаните на Косово и Босна и Херцеговина, е исклучиво прашање на Косово и Босна и Херцеговина.
„И за нас не е пристојно да го вклучиме Косово во разговорот со претседателот на друга држава. Без разлика што станува збор за Република Албанија. Тоа не е и не треба да биде тема на нашиот разговор, освен во контекст за регионална соработка, но тогаш мора да се осврнеме на секоја друга земја. Затоа што ако веруваме дека е легитимно Косово да биде тема на оваа приказна, тогаш не можете да забраните ниту на (Александар заб. ав.) Вучин, ниту на (Зоран заб. ав.) Милановиќ да зборуваат за Босна и Херцеговина без нас“, рече Комшиќ.
Претседателот на Албанија повтори дека независноста на Косово е „неповратна реалност“.
„Косово се покажа како сигурен партнер посветен на зајакнувањето на добрососедството. Во меѓувреме, активно придонесе за регионалната соработка и евроатлантските интегративни процеси на Западен Балкан. Признавањето на Косово дефинитивно ќе влијае на мирот, безбедноста, помирувањето и регионална стабилност“, рече албанскиот претседател.