Балканот под влијание на топлотен бран, температури над 40 степени Целзиусови
- Фоторепортерите на Агенција Анадолу направија кадри во текот на топлотниот бран во главните градови на земјите од регионот

Скопје
СКОПЈЕ (АА) - Балканскиот Регион во последните денови е погоден од топлотен бран, со температури што достигнуваат над 40 степени Целзиусови, јавува Анадолу.
Фоторепортерите на Агенција Анадолу направија кадри во текот на топлотниот бран во главните градови на земјите од регионот.
И граѓаните и туристите кои дојдоа да го посетат регионот се обидуваат да се заштитат од силните сончеви зраци во текот на денот, додека властите предупредија на ограничено движење во текот на денот.
- Северна Македонија -
Управата за хидрометеоролошки работи на Северна Македонија (УХМР) предупреди дека во наредните денови температурите низ целата земја ќе достигнат рекордни нивоа.
„До вторник времето ќе биде многу топло со дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Во среда ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура“, се вели од УХМР.
Поради топлотниот бран, забележано е намалување на протокот на реката Вардар.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на Градот Скопје постојано апелира до граѓаните за рационално користење на водата поради сушите.
- Албанија -
Според Институтот за геолошки науки на Албанија, денес не се очекуваат врнежи од дожд низ целата земја.
Се очекува минималните и максималните температури на воздухот за денес да достигнат на крајбрежјето: 21/32 степени Целзиусови, во низините: 20/37 степени Целзиусови, во планинските подрачја: 15/34 степени Целзиусови.
Институтот, исто така, најавува дека се очекува „високо“ ниво на ризик од шумски пожари низ целата земја.
- Косово -
Косово е исто така меѓу земјите во регионот кои се погодени од високите температури. Хидрометеоролошкиот институт на Косово објави дека денес времето ќе биде сончево со повремена облачност.
„Минималните температури ќе се движат помеѓу 12 и 18 степени Целзиусови, додека максималните дневни температури ќе се движат од 32 до 37 степени Целзиусови“, објави Институтот, додавајќи дека во земјата ќе дува слаб ветер од северозапад.
Институтот, исто така, апелира на зголемена претпазливост од сончевата светлина, особено кај децата, постарите лица и лицата чувствителни на високи температури.
Базенот во паркот „Гермија“ во Приштина, еден од најголемите во Европа и популарна летна дестинација со до 5.000 посетители дневно минатата година, остана затворен оваа сезона поради неможноста за пристап до 20.000 кубни метри вода што обично ја зема од околните ридови и планини.
- БиХ, Србија, Црна Гора -
Топлотниот бран што ги зафати Европа и Балканот донесе високи температури и во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево.
Термометрите од Федералниот хидрометеоролошки институт измерија температури над 36 степени Целзиусови во Сараево. Граѓаните и туристите сè повеќе користат чадори за да се заштитат од сонцето.
Во меѓувреме, во Србија, Државниот метеоролошки институт предупреди на „екстремна суша“, додека нивото на водата во реките и езерата се намали.
Населените места низ Србија се соочуваат и со ограничувања на водата за пиење.
Бранот на високи температури особено се чувствува и во главниот град на Црна Гора, Подгорица. Главниот град е речиси празен, додека луѓето бараат свежина во градските фонтани.
На „Плоштадот на независноста“, кој вообичаено е доста преполн напладне, се забележуваат помал број луѓе.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.