Пуштен во употреба новиот систем за заедничка гранична контрола меѓу Северна Македонија и Србија
„Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop Shop системот, со кој сигурен сум ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници“

Куманово
СКОПЈЕ (АА) – Со официјална церемонија на потпишување, денес на граничниот премин Табановце-Прешево е пуштен во употреба системот за заедничка интегрирана контрола „One Stop Shop“ меѓу Северна Македонија и Србија, јавува Анадолу.
Протоколот за воспоставување на „One stop“ системот на граничниот премин го потпишаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кои воедно потпишаа и протокол за соработка во граничниот сообраќај.
Во своето обраќање по потпишувањето на протоколот министерот Тошковски изрази задоволство од воведувањето на ваков систем на гранична контрола, за која рече дека ќе овозможи побрз проток на граѓаните.
Изразувајќи благодарност до српскиот министер Дачиќ за залагањето за овој проект, Тошковски рече:
„Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop Shop системот, со кој сигурен сум ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници.“
Од своја страна, српскиот министер Дачиќ рече дека со воспоставувањето на One Stop Control системот се има за цел поедноставување на процедурите на минување на границата.
Додаде дека оваа едношалтерска контрола се воспоставува на едно место на границата, со што, како што рече, ќе се елиминира непотребното чекање на патниците.
Претходно, договорот за спроведување заеднички контроли беше потпишан на 9 мај годинава во Белград од страна на Дачиќ и Тошковски.
Воведувањето на овој систем, според најавите, ќе овозможи многу побрз проток на граѓани и е од огромно значење, поради тоа што „Табановце-Прешево“ моментално е најфреквентниот граничен премин во земјата.
Системот „One Stop“ веќе е на сила со Косово на премините „Блаце“ и „Јажинце“, а во тек се разговори и со Албанија за воведување на овој систем на два гранични премини.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.