Балкан

Мицкоски: Размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети лица

„Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, ќе се враќаат повеќе луѓе...“

Elena Trenchevska Chekovic  | 04.07.2025 - Обновена : 04.07.2025
Мицкоски: Размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети лица Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес изјави дека Владата сериозно размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети лица, јавува Анадолу.

Осврнувајќи се на падот на наталитетот во земјата, Мицкоски на настанот во Владата на тема: „Демографски трендови, предизвици и можни решенија - Развој на стратешки документи за демографска отпорност“ истакна дека време е за држава каде што младите ќе стапуваат во брак, во којашто ќе се раѓаат повеќе деца, а отселените ќе се вратат.

„Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33.000 жители... Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека ова не е проблем само за Северна Македонија, туку предизвик за цела Европа, и пошироко, и порача дека целта, покрај, останатото, е да им се дадат причини на младите да не заминуваат од земјата.

„Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат, да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение. Но има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата. Сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, истакна премиерот.

Посочи дека во 2024 година во земјата се родиле 16.061 дете, додека починале 20.201 лице, додавајќи дека тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година.

Тој рече дека во многу општини и села веќе нема ниту првачиња и дека сè повеќе луѓе живеат сами.

Нагласи дека борбата на Владата е насочена кон тоа да го направи „животот повреден, мајчинството благослов, а не товар“, и против состојбата во државата која се празни:

„Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, ќе се враќаат повеќе луѓе, и ќе се живее со повеќе срце... Веќе дејствуваме. Ги градиме темелите на промените – затоа што доаѓа времето на народот и граѓаните. И тоа нема да биде време на заминување, туку време на враќање“, порача премиерот Мицкоски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.